1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа доби инструмент за дисциплинирање на буџетските грешници

28 септември 2011

Европскиот парламент во Стразбур го донесе пакетот мерки за поголема буџетска дисциплина на земјите на ЕУ. Претседателот на ЕК, Жозе-Мануел Баросо, пак, зборуваше за состојбата во ЕУ.

https://p.dw.com/p/12iOK
Европскиот парламент ги донесе мерките за кои долго се дебатираше во ЕУФотографија: DW Montage/ picture-alliance/ dpa

Европарламентарците во Стразбур денеска (28.09) ги донесоа шесте правила кои во иднина би требало да спречат должнички кризи како грчката. Дел од тие мерки, меѓу другото, е и полесното воведување санкции против државите кои ја немаат под контрола буџетската дисциплина. Столбот на новите правила е можноста државите чиј дефицит е поголем од три проценти, да бидат веднаш санкционирани. Постапката ќе може да се спречи само со двотретинско мнозинство. Досега, и мал број земји во ЕУ можеа да спречат воведување санкции, така што и покрај големите проблеми со долгови, до денес ниту една држава не платила казна за тоа. Освен тоа, казни во иднина им се закануваат и на земјите чиј вкупен долг ја надминува границата од 60 проценти. За најголемата реформа на монетарната унија од воведувањето на еврото во 1999 година сега формално треба да гласаат и земјите членки на ЕУ, но тие веќе ја дадоа својата политичка согласност.

Straßburg EU Parlament Präsident der Kommission Jose Manuel Durao Barroso
Баросо бара финансискиот сектор да „си го плати своето“ и беше поздравен со аплаузФотографија: picture alliance/dpa

Со оглед на должничката криза во еврозоната, претседателот на Европската комисија Жозе-Мануел Баросо повика на темелна обнова на Европа. ЕУ мора да биде унија на стабилност и одговорност, на пораст и солидарност, изјави Баросо пред ЕП. Освен тоа, тој се заложи за воведување еврообрврзници. Барозо го претстави и предлогот на Европската комисија за воведување на контроверзниот данок на финансиски трансакции во сите земји членки на ЕУ. Ваквиот данок би требало да носи по 55 милијарди евра годишно и да се наплаќа при купување и продажба на хартии од вредност меѓу банките, осигурувањата и останатите финансиски институции.

„Време е финансискиот сектор да го даде својот придонес за општеството“, нагласи Баросо проследен со аплауз од европратениците.

Грција останува во еврозоната

Symbolbild Eurozone Krise
Фотографија: picture alliance/dpa

Претседателот на Европската комисија истакна дека справувањето со долговите во Унијата е еден од „најголемите предизвици во историјата на Европската Унија“. Во таа прилика тој беше јасен: „Грција, покрај сè, беше и ќе остане членка на еврозоната!“

Сепак, Грција, според Баросо „ќе мора да одговори целосно и навреме“ на барањата за да се намали националниот дефицит. „Помошта за Грција не е  спринт, туку маратон“, поцени Баросо. Во тој контекст, тој се заложи за побрзо влегување на сила од предвиденото на Постојаниот фонд за финансиска помош на монетарната унија, кој е предвидено да започне да функционира од средината на 2013 година.

Баросо: Европа има економска влада - Комисијата

Баросо денеска повеќе пати повтори дека „Европа има своја иднина!“. Околу улогата на Европската комисија, тој рече:

„Ние, во Комисијата, сме подготвени да ги прифатиме сите критики. Но ние треба да го надминеме проблемот со довербата предизвикан од растечката одбрана на националните интерси“, рече Баросо.

Баросо пред Европскиот парламент  го отфрли предлогот за „влада“ на еврозоната: „Комисијата е економската влада на Унијата, затоа ние немаме потреба да го менуваме европскиот договор“, рече Баросо.


Автор: Т.Гламчевски/дв

Редактор: Е.М.Фиданоска