1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа бесна поради шпионажата - Вашингтон молчи

АТ/афп/дпа/ртр1 јули 2013

На шпионирањето од страна на властите и тајните служби во Германија му се поставени тесни граници. Меѓутоа американските тајни служби тоа не ги засега. Скандалот што го откри Сноуден зафаќа се' поголеми размери.

https://p.dw.com/p/18yui
Фотографија: picture-alliance/dpa

Информациите за нападите со надгледување и следење од страна на американската тајна служба НСА се прошируваат. Според британскиот весник „Гардијан“ шпионирани биле и дипломатските претставништва на Франција, Италија и Грција во Вашингтон и во Обединетите нации. Британскиот весник известува дека американската тајна служба НСА таму меѓу другото инсталирала уреди за прислушување и ги шпионирала каблите. Како и кај другите случаи, кои претходно беа обелоденети, и во овој случај информациите околу скандалот за прислушување од кој се погодени голем број земји во светот, потекнуваат од поранешниот американски агент, Едвард Сноуден. 

Изминатиот викенд беше обелоденето обвинувањето дека НСА целно ја шпионирала Европската унија. Според тие информации биле инсталирани уреди за прислушување во претставништва на ЕУ и само во Германија месечно биле надгледувани околу половина милијарда телефонски разговори, и-мејл и СМС пораки. Во неделникот „Шпигел“ се вели дека САД на Германија гледаат како на партнер, но истовремено и како на цел на напад. Негодувањето е огромно. Комесарката за правда на ЕУ Вивиен Рединг се закани дека ќе ги замрзне преговорите за слободна трговија меѓу ЕУ и САД, доколку ваквите обвинувања се покажат како точни. „Партнерите не се шпионираат едни со други“, рече Рединг во Луксембург.

За германскиот ополномоштеник за заштита на податоците, Петер Шаар особено воземирувачки е „дека американската страна не ги отфрли тврдењата“. Впрочем станува збор „за тежок упад во нашите основни права“, рече Шаар за „Рур нахрихтен“.

Edward Snowden
Едвард СноуденФотографија: The Guardian/Getty Images

Вашингтон се' уште молчи за обвинувањата. Само преку дипломатски канали ќе биде „соодветно“ одговорено, се вели од канцеларијата на шеф-координаторот на сите американски тајни служби, Џејмс Клапер. Разјаснување ќе има и преку експертски дијалог за тајните служби, најавија САД.

Но, ова речиси и да нема да ја намали вознермиреноста меѓу германските политичари, иако германската канцеларка Ангела Меркел впечатливо е воздржана во овој случај. Од нејзината влада се огласи министерката за правда Сабине Лојтхојзер Шнаренбергер. Незамисливо е „нашите пријатели“ во Вашингтон да гледаат на Евроепјците како на непријатели, изјави политичарката од редовите на либералите. 

Германски азил за Сноуден?

Опозицијата во Германија очекува одговор од канцеларката: Таа итно мора да разјасни дали постоела „тајна соработка“ на германските служби за безбедност со нивните колеги од НСА, изјави шефот на партијата на Зелените, Јирген Тритин за првата програма на германската телевизија. Истовремено тој се заложи Едвард Сноуден да се заштити од правните консеквенции во САД. Оној кој открива нелегални активности, треба да биде заштитен, рече Тритин. На Сноуден му бил потребен „безбеден престој“ во Европа.