1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европалетата наполни 50 години!

30 јули 2011

Оној кој сака да пакува и транспортира стока неопходна му е т.н. европалета. Пред 50 години европските железници за првпат ја воведоа оваа едноставна, но генијална дрвена конструкција.

https://p.dw.com/p/11tPc
Европалетата го слави 50-от роденденФотографија: ekom/gpal

Мартин Лајбрант има фантастичен поглед од неговата канцеларија во населбата Бенрат во Диселдорф. Реката Рајна мирно тече во овие летни денови низ главниот град на покраината Северна Рајна Вестфалија. Но, за да може навистина да ужива во оваа рајнска романтика, на Лајбрант му недостасува слободно време. Како раководител на друштвото „Палета е.В.” целото негово внимание е свртено кон едноставната дрвена конструкција, што пред 50 години го револуционираше транспортот на стока. Станува збор за европалетата. Мартин Лајбрант раскажува: „Палетата е генијална, едноставно генијална. Замислете ја денес логистиката без европалетата. Не би можело ништо да се транспортира.”

Палетата е долга точно 120 сантиметри, широка е 80 и висока 14,4 сантиметри. Таа е направена од дрвени штици и трупци од еден посебен вид дрво, што треба да одговараат на прецизно дефинирани норми за квалитет. Палетата се кова со точно 78 специјални клинци по точно одреден терк. Тие ја држат конструкцијата и и‘ даваат стабилност. Самата европалета е тешка околу 20 килограми и може да носи најмалку 1.000 килограми. Во денешната форма се произведува веќе 50 години. Во 1961 година европските железници потпишаа еден вид спогоба за начинот на транспортирање на стоката: „Тоа беше револуција, можеби втората револуција во областа на транспортот, по пронаоѓањето на автомобилот. Успехот на европската палета до денес е неприкосновен. Оваа година ќе имаме рекордна година во производството на палетите. Ширум светот во употреба се 350 до 500 милиони палети. Ова е бројка што никој не може да си ја замисли”, вели Мартин Лајбрант.

Денес транспортот не може да се замисли без европалетата

50 Jahre Europalette
Денес не може да се замисли транспортот без дрвената палетаФотографија: ekom/gpal

По воведувањето на европската палета, времетраењето на утоварот на стоката во вагоните и камионите се намали за 90 проценти. Веќе одамна транспортерите и магацините се конструираат според димензиите на палетите, за максимало да се искористи секој слободен простор. На дрвените трупци од страничниот дел на палетата се втиснати три знаци. Тие го означуваат потеклото и состојбата на секоја палета поединечно. Стручните лица според овие бројки можат да видат дали на палетата била направена некаква поправка. Овие ознаки се неопходни, бидејќи палетите се дел од системот за размена што се одвива без никакви проблеми.

Доколу на пример, на еден трговец со прехранбени производи му се испорачат повеќе палети со конзерви со овошје, во идеален случај тој на шпедитерот му враќа исто толкав број празни палети. Овој процес се нарекува „размена парче за парче”. Европското здружение на палети, или накусо ЕПАЛ, се грижи за тоа сите палети што се во употреба да одговараат на исти стандарди. Мартин Лајбрант објаснува: „Треба да си претставите дека ЕПАЛ е главното здружение, а под него се наоѓаат националните комитети на секоја земја. Националните комитети се одговорни за квалитетот и безбедноста на палетите. Но, тоа секогаш се пропишува и проверува од независна служба за контрола.”

Вредноста на една дрвена палета изнесува околу десет евра

Martin Leibrandt 50 Jahre Europalette
Мартин Лајбрант, раководителот на фирмата „Палета е.В.“Фотографија: ekom/gpal

Колку долго ќе издржи, односно колку циклуси на размена ќе преживее, зависи од браншата во која се користи како транспортно средство. Во индустријата дрвените палети се изложени на поголеми оптоварувања отколку во прехранбената трговија. Се поставува прашањето: зошто старата добра дрвена конструкција не исчезна со текот на времето и не беше заменета со пластични палети?

Мартина Лајбрант објаснува: „Многумина мислат дека она што е од пластика е сигурно почисто. Но, тоа не е вистина. Дрвената палета, токму поради нејзиниот природен материјал, е органска и е најприродното средство во светот.“

И надвор од браншата на транспорт европската палета се разви во култен објект. Така на пример, се прави мебел, или пак цели згради од палети. Црвениот крст на палетите носи многу важни лекови во кризните подрачја, а потоа на лице место од дрвото на палетите произведува заштитни кутии за лековите. Има уште безброј примери за „невообичаено” користење на европалетите, смета Лајбрант: „Откако работам за организацијата за палети, забележав дека во секој игран фим што се дава на телевизија можете да видите барем една палета.”

Дури кога и животот на една палета ќе заврши, дрвото за последен пат се рециклира. Тоа најчесто се гори, или за сушење на ново, свежо дрво што ќе се употреби за производство на нова палета, или пак се користи како материјал за логорските огнови на Велигден. И после 50 години од воведувањето на европалетите, на успешната приказна ни одблизу не и‘ се гледа крајот: „Мислам дека нема друг инструмент што толку долготрајно влијаел врз логистиката како европската палета.Можеби тоа е контејнерот. Меѓутоа, тоа е друга приказна“.

Автор: Клаус Улрих/ Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска