1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни сигнали во еврозоната

М.Максимовиќ/дпа/афп/С.Недевски15 ноември 2013

Ирска и Шпанија во наредната година, како први евро-земји во криза, финансиски повторно ќе застанат на сопствени нозе. Еврогрупата даде зелено светло за нивно излегување од т.н чадор за спас на еврото.

https://p.dw.com/p/1AI7t
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde

Дека економијата во еврозоната полека, но сигурно се враќа на нозе, покажува фактот дека две од петте држави, кои поради економската криза побараа финансиска помош од надвор, наскоро ќе излезат од програмите за помош. Се очекува тоа прва да го направи Ирска, а веднаш потоа Шпанија ќе биде втората земја која без дополнителни превентивни средства ќе излезе од програмата за финансиска помош. Ваквите одлуки на владите во Даблин и Мадрид се поддржани од страна на министрите за економиија и финансии на сите земји-членки на Еврогрупата.

„Би сакал да им честитам на двете земји на овој важен момент за еврозоната“, изјави претседателот на Еврогрупата и министер за финансии на Холандија Јерoн Дијселблум. „Двете држави покажаа силна преданост во имплементацијата на програмите за помош. Тоа донесе резултати, кои се потврдени и преку последните податоци од финансиските пазари. Ирците и Шпанците минаа низ тежок период, но убеден сум дека нивните напори ќе се исплатат во годините што следат. И двете економии се наоѓаат на пат на заздравување“, изјави Дијселблум по состанокот на министрите на еврозоната во Брисел.

Der niderländische Finanzminister Jeroen Dijsselbloem
Претседателот на Еврогрупата и министер за финансии на Холандија, Јерoн ДијселблумФотографија: DW/B. Riegert

Дека примената на програмата за помош за Ирска која во 2010 година од партнерите во ЕУ и од Меѓународниот монетарен фонд доби 67,5 милијарди евра е успешна, покажа подобрувањето на економската ситуација, што земјата ја врати на пат на одржлив стопански раст и зголемување на бројот на вработени лица. Во Шпанија пак, која за средување на својот банкарски сектор искористи помош од 41,3 милијарди евра од европските партнери и ММФ, дојде до јакнење на ликвидноста на банките, но и засилен надзор на нивното работење. Во Еврогрупата сепак предупредуваат дека, и покрај првичните позитивни сигнали на економско заздравување, за сите е важно да се остане на патот на реформи и да се обедбеди грешките од минатото да не се повторуваат и во иднина.

Грција и натаму со проблеми

Покрај Ирска и Шпанија, пофалби од Брисел доби и Кипар. Заклучокот гласеше дека програмата за помош на Кипар добро функционира, оти земјата на време ги исполнува зададените цели и остварува напредок во областа на рекапитализација и реконструкција на финансискиот сектор. Од друга страна, Грција и натаму продолжува да им задава главоболки на европските партнери. Иако грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас, на состанокот со колегите од еврозоната нагласи дека „никој не може да го негира напредокот кој го направила Грција“, Атина е предупредена да работи на затворање на буџетскиот дефицит во 2014 и 2015 година, да продолжи со структурните реформи и да го унапреди раководењето со процесот на приватизација во земјата. Грчките власти во 2010 година со цел спасување на земјата од банкрот, добија 240 милијарди евра меѓународни кредити.

Eurokrise Eurozone Symbolbild
Фотографија: dapd

Скромно економско заздравување на ЕУ

На состанокот на министрите за економија и за финансии на 17-те земји-членки на Еврогрупата, еврокомесарот за економски и монетарни прашања, Оли Рен, ги изнесе и последните податоци за состојбата на економијата во Европската унија кои покажуваат дека продолжува скромното економско заздравување во ЕУ. „Во третиот квартал од годинава, брутодомашниот производ во еврозоната се зголемил за 0,1 насто, а на ниво на ЕУ за 0,2 насто. Во претходното тромесечје во двата случаја тој раст изнесуваше 0,3 проценти. Ако го споредиме тоа со есенската прогноза на Европската комисија, економскиот раст е понизок од предвидениот“, изјави Рен.

Над очекувањата во последните три месеца пораснале стопанствата на Летонија и на Бугарија. Шпанија и Естонија продолжиле со растот од претходниот квартал, а и Португалија останала „во плус“, со што е потврдено излегувањето од рецесија на оваа кризна земја.