1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврозоната се претвора во унија на гаранции „сите за сите“

Џанг Данхонг/ Жана Ацеска11 јуни 2012

Речиси веќе никој не се возбудува околу гигантската сума од сто милијарди евра, колку што ќе чини спасот на шпанските банки. Но, овој вид на спасување внесува бризантност во еврозоната.

https://p.dw.com/p/15C9x
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дали уште можеме да го разбереме светот? Зашто, шпанската влада прогласува еден вид делумен банкрот, признавајќи дека не може сама да го санира банкарскиот сектор и наеднаш за тоа добива пофалби од цел свет. Курсевите на акциите растат, јакне и еврото.

Европа покажува дека е способна за акција, смета Михаел Хитер, директор на Институтот на германското стопанство во Келн. Тоа што Шпанија од пред извесно време е на нишанот на финансиските пазари и мора да плаќа се‘ поголеми камати за своите долгови, според Хитер, се должи на непостоењето верба кај инвеститорите не само во солвентноста на шпанската држава, туку и во егзистенцијалниот ризик на еврозоната.

„Вложувачите очигледно не се подготвени да купуваат шпански државни обврзници, зашто се сомневаат дека тие евентуално нема да бидат исплаќани во евра“, вели економскиот експерт за Дојче веле.

Еуфоријата ќе биде со краток здив

Ова стравување кај инвеститорите моментно е надминато. Но, дејството на оваа пилула за смирување може наскоро да испари, смета Јерг Кремер, главен економ во Комерц банк.

Jörg Krämer Volkswirt Commerzbank
Јерг КремерФотографија: Commerzbank AG

„Тоа го доживеавме и порано, кога Ирска и Португалија се сместија под чадорот за спас. Прво доаѓа до олеснување, зашто се запираат ризиците од прелевање на кризата“.

Тоа може да трае неколку денови, вели Кремер за Дојче веле. Но, тој не верува во трајноста на ова решение.

„Зашто, проблемите на Шпанија не се решени“.

Шпанските банки се на врвот на брег гнили кредити, кој со пукањето на меурот на кризата со недвижнини и натаму расте. Државата се бори со висок државен буџетски дефицит и токму поради тоа не е во состојба да го санира банкарскиот сектор. Секој четврти Шпанец не може да најде работа.

Стопанството пропаѓа. Во април индустриското производство забележа намалување од преку осум проценти во споредба со лани. За Јерг Кремер рецесијата не се должи на политиката на штедење, како што се уверени многумина, напротив:

„Шпанија првите три месеци не штедеше, зашто се одржуваа регионални избори. Тоа е причината што Шпанија заостанува со даденото ветување за редукција на државниот дефицит“.

Тоа пак, е причина за стопанските проблеми и губењето доверба кај инвеститорите.

Spanien Arbeitslosigkeit Arbeitsamt OVERLAY
Невработеноста во Шпанија растеФотографија: AP

Монетарната унија станува трансфер-унија

Иако владата во Мадрид потфрли досега во економската и во фискалната политика, не мора да се плаши од големи отстапки како услов за парите за спас. Тоа е новината во планираната спасувачка акција. Додека експертите од т.н. Тројка - Европската комисија, Европската централна банка и ММФ, до детали ги претресуваат плановите за буџетот во Атина, Даблин и во Лисабон и можат да се мешаат во економската политика на овие земји, за Шпанија ќе важи само контрола за спроведувањето на реформите во финансискиот сектор. Тоа што четвртата по големина економија во еврозоната спасувачките кредити ги добива по поволни услови, за економистот Кремер покажува во кој правец се движи монетарната унија.

„Чекор по чекор еврозоната оди кон унија на трансфер и гаранции“.

Тоа значи дека сите гарантираат за сите.

Но, заедничкото преземање на долговите уште долго не значи дека овие земји се на патот на економски раст. Кремер притоа одбива да го коментира пакетот за спас.

„Периферните земји можат да се спасат само самите, преку согледување на реалноста, преку соодветно приспособување на својата економска политика и спроведување на нужните програми за штедење и реформи“.

Пакетите за спас можат само да купат време, повеќе не.