1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евроамбасадорот Соренсен стапи на функција

4 март 2011

Новиот амбасадор на ЕУ во Македонија, Петер Соренсен порача дека ќе ги вложи сите напори за остварување на европската перспектива на Македонија. Тој денеска (04.03.2011) и официјално го замени на функцијата Ерван Фуере.

https://p.dw.com/p/10TX6
Фотографија: Petr Stojanovski

Данскиот дипломат Петер Соренсен денеска ги предаде акредитивите на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, со што официјално стана Шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија.

Пред претседателот тој вети дека лично ќе ги вложи сите свои напори за остварување на европската перспектива на земјата.

„Ќе ги вложам сите мои напори и капацитет за да и помогнам на вашата држава во напорите да ја оствари својата перспектива во Европската Унија и во воспоставувањето на најефикасни односи со институциите од Европската Унија.

Широката поддршка од граѓаните од оваа држава за интеграција во ЕУ е голема предност за интегративниот процес и ќе ја направи мојата работа уште повеќе ценета“, рече Соренсен.

Иванов се надева на почеток на преговорите со ЕУ во 2011

Претседателот Иванов, од своја страна изрази очекување дека Македонија, во годината кога одбележува 20 години од независноста и 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, ќе ги отпочне преговорите за пристапување кон Европската Унија.

Ervan Fuere, EU-Vertreter in Mazedonien
Соренсен на фунцијата го менува Ерван Фуере ( на фотографијата)Фотографија: Petr Stojanovski

„За жал, донесувањето на одлуката го блокира една членка на Унијата, заради проблемот кој го има со името на мојата земја. Сакам да знаете дека Република Македонија е посветена и конструктивно учествува во разговорите под покровителство на Обединетите Нации со цел изнаоѓање на взаемно

прифатливо решение. Ние сме подготвени за такво решение, нам ни треба деблокирање на интегративните процеси, час поскоро. Но, за решение е потребна конструктивност и од другата страна, Истовремено, бараме и очекуваме фер третман од Европската Унија и земјите членки“, рече Иванов.

Претставник на ЕУ во Белград и во Косово

Соренсен на функцијата го наследи Ирецот Ерван Фуере. Во својата досегашна кариера,44-годишен дански дипломат ја извршувал функцијата личен пратеник на поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана во Белград и шеф на канцеларија на Унијата во Косово, и важи за добар познавач на регионот. Петер Соренсен е дипломиран правник. Оженет е и татко е на две деца.

Тој ќе биде вториот дипломат кој ја извршува функцијата амбасадор на ЕУ во Македонија, откако со стапувањето во сила на Лисабонскиот договор функциите шеф на Делегацијата на ЕК и специјален претставник на ЕУ бе обединети. Претходникот на Соренсен, Ерван Фуере беше првиот евродипломат кој ги извршуваше заедно двете функции.

Автор:СН/ЖА/миа/макфакс

Редактор: Жана Ацеска