1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврејски шлагери во Германија

4 мај 2009

Со децении многумина Израелци се колебаа да дојдат во Германија, во „земјата на злосторниците“. Во меѓувреме е сосема поинаку. Така 24 годишниот пејач Шеј Бар Ор дојде во германската престолнина и веќе направи кариера.

https://p.dw.com/p/Hh9x
Берлин нуди можности за уметниците од цел светФотографија: dpa - Report

„Градот е многу шармантен и атмосферата е посебна. Ноќниот живот, тоа што Берлинчани можат да се забавуваат и знаат како. Градот ги возбудува уметниците. Јас сум едноставно заљубен во Берлин“, се смее Бар Ор.

Тој има кратка црна коса, малку потпорасната брада и пирсинг над левото око. 24 годишниот пејач живее во едноставно уреден еднособен стан во Берлин со кревет диван, наргиле и саксии со зачини.

Музичка предисторија во Тел Авив

Како дошол овде од Тел Авив? Шеј потекнува од музикално семејство. Пеел уште во училишниот хор, а со 13 години - при својот Бар Мицва, односно прием во еврејската заедница. Следеле настапи во една младинска група. Неговиот бас звучел толку добро, што кога бил во армија добил обука во воена музичка група. Таа била толку популарна, што за грст места во неа конкурирале 5 илјади млади луѓе.

„Во Израел постои поговорката, дека човек влегува во некои врски, затоа што на некој начин сите сакаат да бидат во нив. Тоа е можеби така, зашто најголемиот дел од музичарите во Израел потекнуваат од воени музички групи, тоа во Израел е добра школа.“

Младиот човек имал среќа. Додека неговите врсници вежбале во касарната, Шеј го школувал својот глас и настапувал низ цел Израел. Неговата група свирела поп, соул и џез:

„Бевме три момчиња и три девојки, имавме свој автобус со 55 седишта само за нас. Често моравме да остануваме во различни кампови. Таму се среќаваат луѓе од сите можни градови, села, кибуци. Тоа беше едно од најубавите времиња во мојот живот.“

Шеј бил амбициозен. Покрај музичкото образование, тој земал часови кај пејачката ѕвезда Рики Гал, кој е вистински поим во израелското радио и телевизија. Кај него научил како да се однесува на сцената. По службата во војска, тој ги заработил првите пари како пејач, на забави и на свадби.

„Претежно пеев љубовни песни и евергрини, а и малку еврејски народни песни.“

BG60JahreIsrael Cityscape, Tel Aviv, Jaffa, Tel Aviv, Israel
Почетоци во Тел Авив, оттаму стартуваше Бар ОрФотографија: picture alliance / Bildagentur Huber

Германија како предизвик

Таткото на Шеј е роден Израелец, неговата мајка потекнува од германско бегалско семејство, кое геноцидот го преживеало во емиграција. Шеј растел со убедување дека на денешнитe Германци не може да им се префрлува за времето на националсоцијализмот.

Бидејќи го привлекувало бесплатното школување на факултет, ниските кирии и возбудливата културна сцена, Шеј пред две години решил да се пресели на реката Шпре. На свое изненадување, констатирал дека во германскиот главен град, на секој чекор се потсетува на нацистичкото минато. Како на пример на Жандарменмаркт. Таму Шеј, лани, пееше на покана на еврејската заедница, по повод 60-иот роденден на Израел.

„Ја пеев националната химна на Израел. Да се стои тука, во центарот на Берлин, пред многу луѓе, кожата ми се наежи. Кога ќе се помисли дека пред 70 години тука стоел Хитлер, тоа беше силно доживување.“

Во германско еврејската заедница тој брзо стекна име. Дали во еврејското основно училиште во Берлин или во ционистичката женска организација ВИЦО - младиот пејач од Тел Авив веќе има бројни обожаватели меѓу 200 илјади Евреи во Германија: „Тие се чувствуваат блиску до еврејството. А тоа е токму она што јас го нудам. Пресно дојден од Израел, за нив тоа е атрактивно.“

Шеј Бар Ор сака да освои поголема публика. Тој преку ден студира политика, социологија и наука за медиумите на Универзитетот Хумболт. Навечер и ноќе работи на својата музичка кариера. Веќе има напишано околу 40 соло дела, балади, на еврејски и на англиски јазик. Во нив се зборува за љубовта, разочарувањата и за нов почеток. 24 годишниот музичар сега го работи своето прво поп ЦД во едно професионално тонско студио:

„Многу поп. Има и малку ориентални елементи, комбинирани со поп. За мене е убаво што можам да донесам нешто и од Израел. “

Автор: Јенс Росбах / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска