1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ: досиејата фалсификувани, ќе следуваат кривични пријави

2 ноември 2010

Потпретседателот на ДУИ, Теута Арифи на прес-конференција во Тетово најави кривични пријави за оние кои објавуваат фалсификувани досиеjа на врвни кадри од ДУИ.

https://p.dw.com/p/PwfQ
Голема прашина по објавувањето на наводното досие на Али Ахмети, фотографија од архиваФотографија: DW/Musliu

„Објавувањето на последните фалсификувани лустрациони досиеја за претседателот Али Ахмети и други членови на партиското раководство не се само напад врз ДУИ како партија, туку и врз општествениот и политички идентитет и интегритет на Албанците во Македонија и во регионот“, изјави попладнево (02.11.2010) Теута Арифи, потпретседател на ДУИ на маргините на седницата на Централното претседателство на оваа партија. Арифи рече дека ова се инсценира од одредени центри кои не и' мислат добро на Македонија и оти објавувањето на тие наводни досиеја може да претставува и закана за стабилноста на земјата. Арифи најави дека еден од начините на реакција на ДУИ ќе биде и поднесување на кривични пријави против објавувачите на тие досиеја.

На седницата на раководството на ДУИ се расправа за ситуацијата настаната во земјата по објавувањето на наводните досиеја и за други актуелни политички прашања во државата.

Во врска со претстојниот попис на населението, на прашање на Дојче веле како ќе реагира партијата на најавата на албански невладини организации за спроведување паралелен попис во земјата, Арифи одговори дека тоа не е в ред. Идејата е да се организира еден попис кој ќе биде регуларен и прифатлив за сите.

Автор: С. Тоевски Редактор: Жана Ацеска