1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ го расчисти патот за медиумскиот пакет закони

Катерина Блажевска24 декември 2013

ДУИ, која досега го блокираше донесувањето на медиумскиот пакет закони, го промени ставот, но не ги објаснува причините: се усогласија ли медиумските закони со европските стандарди или ДУИ со коалициските партнери ?

https://p.dw.com/p/1AgEj
Фотографија: MAKFAX

Една фотографија што требаше да замени илјада зборови, се замени со илјада сомнежи. Медиумската заедница се изненади кога на заедничка прес-конференција на тема „медиумски закони“, на иста маса ги виде министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и претседателот на ЗНМ, Насер Селмани. Сепак, стравот од „преговори зад грбот на новинарите“ и од „договор на ЗНМ со Владата преку ноќ“ се покажа како ирационален. На средбата Ивановски - Селмани, само е јавно соопштено дека Владата прифатила неколку од претходно доставените забелешки на ЗНМ за пакетот медиумски закони и обзнането дека за нив наскоро ќе се гласа во Собранието. Но, целта беше постигната: пред објективот на камерите, се создаде впечаток дека нешто одново се преговарало и дека Владата во таа насока има „благослов“ од најголемото новинарско здружение. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, не очекувал таков нус-ефект.

„Немаше никакви разговори. Владата уште претходно побара од нас да доставиме забелешки и ги доставивме. Побараа да ги објасниме, ги објаснивме. Потоа нѐ известија дека решиле да прифатат три забелешки. Им рековме дека е добро што одлучиле да прифатаат клучни забелешки, но повторивме дека сме незадоволни што не ги прифаќаат и другите, кои според нас се многу битни. Тоа беше сѐ. Владата направи спин дека преговарала со ЗНМ, што не е точно, а некои колеги свесно или несвесно станаа жртви на тој спин. Немало и нема да има средби меѓу претставници на ЗНМ и Владата, во смисла на некакви преговори или продолжување на дијалогот“, категоричен е Селмани.

Дијалогот меѓу ЗНМ и Владата беше прекинат точно пред една година, како реакција на насилното отстранување на новинарите од собраниската галерија на 24 декември 2012 и несанкционирањето на одговорните за тој недемократски чин.

Naser Selmani
Насер СелманиФотографија: Petr Stojanovski

ДУИ на привремена блокада

Тогаш, прашањето е - на кого му требаше таков спин, односно кој зад „параванот на ЗНМ“ требаше да биде заштитен од дополнителни прашања? Не е тешко да се погоди, ако се знае дека медиумските закони досега ја немаа наклонетоста на мнозинството со Собранието. Двата закона беа на дневен ред на 74-тата собраниска седница, но истата беше прекината. Освен опозицијата, на нивното донесување се спротивстави и владејачкиот коалициски партнер ДУИ, кој се изјасни дека ќе ја блокира расправата и дека не го поддржува донесувањето на овие закони, бидејќи не се во согласност со европските стандарди. Но, сега ситуацијата е променета. Извори од партијата потврдуваат дека ДУИ ќе гласа за медиумскиот пакет закони, но никој не сака јавно да објасни што е причината за промената на ставот - се усогласија ли законите со европските стандарди или ДУИ со коалициските партнери и интереси? Извори блиски до раководството на ДУИ тврдат дека отпорот на партијата бил „само привремен“.

„ДУИ ја спушти рампата за овие закони, не толку заради критиките од новинарите, туку кога увиде дека и експертските анализи од ОБСЕ и Совет на Европа покажуваат дека во нив има многу проблематични делови. Но, таа блокада беше само привремена, повеќе за да се изврши јавен притисок со цел да се направат корекции во согласност со европските практики. Бидејќи нешто беше коригирано, а и Владата прифати неколку забелешки на ЗНМ, формално ДУИ повеќе нема 'алиби' да ја држи рампата спуштена. Мора да ја крене. Се разбира, во заднината на сето ова, стојат и други партиско-коалициски усогласувања, пред се во контекст на актуелните состојби и претстојните избори“, велат нашите извори.

Ваквиот развој на настаните во интервју го најави и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, зборувајќи за начинот на кој се надминуваат разликите во коалицијата.
„Во коалицијата има разлики, но нема проблеми, нема судири од радикална природа. Има различни идеи за кои се дискутира, за да се постигнат најдобрите решенија. На пример, за прашањето околу законот за медиумите, ние водевме дијалог. Нашите ставови не беа исти, имаше средби за тие ставови да бидат поблиски... Не секогаш во коалицијата тече мед и млеко. Има дебати, несогласувања, но тие не се во таа големина за да се стисне копчето и да се бомбардира со ракети „Патриот“. Бомбардирања во коалицијата нема да има“, рече Ахмети.

Mala Recica Tetovo
Фотографија: DW

Ракетите“ кај ЗНМ

Така „ракетите“ завршија на адреса на ЗНМ, кое беше „бомбардирано“ со илјадници прашања за „тајни преговори“ со Владата. Сега кога ДУИ повеќе не стои на патот на медиумските закони, тие можат да бидат донесени многу брзо. Што прифати Владата од претходно доставените забелешки на ЗНМ?

„Постигната е согласност интернет порталите да се изземат од законот за медиуми, согласност за измена на членот 48 кој се однесува на посебните забрани од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, при што се додава нов став - дека секое ограничување на содржина во медиумите да биде во согласност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права, ЗНМ да има член во Советот на новото регулаторно тело - Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни услуги, а во период од шест месеци, во рамките на една поширока работна група да се изнајде предлог решение за зајакнување на независноста на јавниот сервис МРТВ. За печатените медиуми ќе важат само неколку одредби - за импресум, за заштита на малолетни лица од порнографски содржини, за јавност при работењето. За усогласените ставови Владата се обврзува амандмански да интервенира веднаш по донесувањето на двата закони кои се во собраниска процедура“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Според медиумски експерти, бесмислено е да се донесат законите со одредбите за онлајн и печатени медиуми по итна постапка, а потоа амандмански да се менуваат и онлајн-медиумите да се извадат од законот. Тие сметаат дека не треба да се брза со носењето на законите, туку да се почека за да се изработат како што треба.

Зошто брза Владата?

Нема одговор зошто и се брза на Владата, особено кога се знае дека не е постигната согласност со ЗНМ и за други важни сегменти од законот - делот со регулација на печатените медиуми, за законско уредување на владините кампањи, за финансиска поддршка на националните радиодифузери за домашна играна и документарна продукција, за дефиницијата за новинар и за казнените одредби. Намерата на Владата што поскоро да ги донесе овие закони, мобилизираше десетина граѓанските организации во „Фронт за слобода на изразувањето“, кој побара власта да ги повлече предлог-законите.

„Последните настани околу предлог-законот за медиуми и наводниот договор меѓу МИОА и ЗНМ за промени во предложениот законски текст, недвосмислено покажуваат дека Владата сака пред новогодишните празници, брзо, зад затворени врати, без широка јавна расправа и без меѓународен мониторинг, да биде усвоен законот за медиуми. Нè вчудовидува и поддршката што меѓународната заедница му ја дава на овој нетранспарентен процес на експресно донесување на медиумските закони, затоа што токму Европската комисија неодамна јасно и недвосмислено порача дека треба време и сеопфатна согласност за да се донесат законите за медиуми и за аудиовизуелни медиумски услуги. Имајќи ги предвид предложените законски решенија, но и ставот на поголемиот дел од новинарите, Фронтот смета дека тие ќе бидат штетни за слободата на медиумите односно ќе претставуваат дополнителна засилена контрола врз медиумите и новинарите во државава. Затоа, бараме власта да ги повлече предлог-законите и да создаде амбиент за непречено и слободно функционирање на медиумите и на новинарите во Република Македонија“, порача „Фронтот за слобода на изразувањето“.

Досега, единствениот „одговор“ на ова барање - е молк.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи