ДУИ ги достави пратеничките листи
5 мај 2011„Процедурите за номинација и конечниот избор се јасен и силен доказ за консолидацијата на нашите структури, за нашата тимска работа и посветеност кон нашата заедничка цел – сплотеност на гласовите, сплотеност кон една идеја, и сплотеност кон една веќе докажана опција“, рече Ермира Мехмети од ДУИ, по доставувањето на листите во ДИК. Таа истакна дека ДУИ на овие избори ќе излезе со обединувачка платформа, а не со платформа која дели, со платформа, како што рече, која факторизира, а не мајоризира.
„Ние сме убедени дека нашите кандидати се одраз на оваа определба која несомнено го засега секој Албанец во Македонија денес и поради тоа на овие избори ние сме определени да докажеме дека заедно можеме, заедно сме посилни, заедно сме поуспешни и заедно чекориме кон целта“, рече Мехмети. Таа истакна дека за разлика од нивните ривали кои се изјасниле дека се формирани или организирани против ДУИ, нејзината партија е за Албанците.
Рече дека никогаш не биле организирани против било кого и во името на ДУИ ги повика сите Албанци на овие избори да гласаат „за“, а не „против“. Во првата изборна единица носител на листа од ДУИ е Изет Меџити, во втората Ермира Мехмети-Деваја, во третата актуелниот министер за здравство Бујар Османи, во петката Арбен Лабуништи, а во шестката Али Ахмети.
Автор: ЕМФ/макфакс
Редактор: Симе Недевски