1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дрога меѓу основците во Македонија!

12 февруари 2010

Зависници од дрога во Македонија има се повеќе. Охрид е високо на неславната листа. Дневниот центар и активноста на невладиниот сектор даваат први резултати. Но, место за задоволство нема, дрогата е меѓу основците.

https://p.dw.com/p/Lrjh
Загрижувачки показателиФотографија: picture-alliance / dpa

Неодамна полицијата фати лице кое среде бел ден се дрогирало во дворот на едно основно училиште во Охрид. Јавноста остана шокирана. Статистиката вели дека во Охрид има 337 регистрирани лица кои се корисници на дрога, а темната бројка, која се множи со 5 или 7 не‘ води до алрамантните околу 2400 зависници. Моментно 155 лица примаат терапја, а стручна помош 103 членови на семејства, вели психологот Жанета Никоска Стојкоска , координатор на Дневниот центар во Охрид:

Mode-Droge Crystal Meth
Фотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

„Можеме да бидеме задоволни со постигнатото. Голем дел од корисниците извршиле промена во животните навики, зад себе го оставиле зависничкиот стил на живот . Добиваат замена за дрогата којашто ја користеле. Со психосоцијалните интервенции на нашиот стручен тим направиле позитивен чекор во личното функционирање кое директно се одразува и на функционирањето на семејството .“

Во Дневниот центар доаѓаат и лица од Струга и Кичево. Лекувањето и враќањето во норомален колосек е долготраен процес , признава Стојкоска. По неколку часа дневно, лицата кои се оттргнуваат од дрогата можат креативно да се изразуваат со цртање, резбање, сликање...

Се бара дислокација на Дневниот центар

Континуирано Дневниот центар за помош на зависници од дрога е на удар на јавноста и граѓаните поради локацијата среде густо населена населба:

„Центарот пречи повеќе отколку што треба. На 10 метри од него има детска градинка, а спроти него и Центар за социјални работи. Децата кои што одат таму сепак се наши. Никој не го негира тоа. Погледајте го патот полн со опушоци и нивните шприцови“ , вели Ѓоре.

Ohrid 2
Охрид во врвот на неславната листаФотографија: DW

Поразително звучи фактот дека дрогата ги демне основците :

„Возрасната граница во Македонија се‘ повеќе паѓа. Информациите говорат дека деца на 13 – 14 години веќе експериментираат со наркотични средства“, вели Илија Миштакоски, претседател на невладината „Опција “ од Охрид.

Дрога од љубопитност и бегство од проблеми

„Само во последниве 6 месеци, реализиравме 28 работилници наменети за борба против дрогата. Децата се теоретски информирани . Недостига критичното мислење “ , признава Димче Каневче од Младински совет:

„ Најчесто младите ја споменуваат љубопитноста за да пробаат дрога. Да се прават важни во класот или друштвото. Дел од нив велат дека бегаат од реалноста, од личните проблеми и од она што им се случува дома.“

Со чист шприц против зарази

Од 2005 година невладината „Опција “ ја гради довербата кај уживателите на дрога и ги руши предрасудите, дека таа не е продолжена рака на полицијата.

„Нашата мисија е да делиме стерилна опрема за инјектирање, за возврат да ја собереме употребената .Така ги штитиме и останатите локални жители. Со тоа вршиме превенција од заразување на лицата кои се дрогираат од Хепатитис Ц, ХИВ – сида и други преку крв и сексуален пат преносливи болести.“

Дејан е еден од двајцата теренски работници кои директно се среќаваат со лицата- корисници на дрога. На шифрираниот и дискретен список има 220 лица од Охрид и Струга :

„Обично ми јавуваат преку телефон каде да се најдеме. Одам, делам опрема. Земаме искористена опрема. Добро сме прифатени, дискретно е, немаме проблеми.“

Зад овој проект стои Светската здравствена ораганизација, таа е задоволна од ефектите.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска