1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150609 Netanjahu Grundsatzrede

15 јуни 2009

Долго очекуваниот говор на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во врска со натамошниот развој на мировниот процес со Палестинците предизвика противречни реакции.

https://p.dw.com/p/I9vM
Што им нуди Нетанјаху на Палестинците?Фотографија: AP

Синоќешниот говор на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не го донесе долго очекуваниот пробив во блискоисточниот мировен процес. Иако тој за прв пат остави можност за решението со постоење две држави, истовремено постави тешки услови. Можната палестинска држава не би смеела да има сопствена армија, ниту пак суверенитет над воздушниот простор. „Ако ја добиеме гаранцијата за демилитаризација и другите безбедносни гаранции, што според наше мислење се неопходни, и ако Палестинците го признаат Израел како држава на еврејскиот народ, тогаш ќе бидеме подготвени за мировна спогодба, за решение што ќе подразбира создавање демилитаризирана палестинска држава покрај еврејската“ - порача синоќа Нетанјаху во универзитетот Бар Илан во Тел Авив.

Тешки предуслови

Меѓу предусловите спаѓа и тоа, Ерусалим да остане главен град само на Израел, а не како што бараат Палестинците, источен Ерусалим да биде главен град на идната палестинска држава. И прашањето на палестинските бегалци, според Нетанјаху, треба да се решава надвор од израелските граници, што значи дека тие нема да добијат право да се вратат на нивните огништа од кои биле протерани. Израелскиот премиер се покажа непопустлив и по прашањето на запирањето на натамошното градење еврејски населби на палестинските автономни подрачја, иако американскиот претседател Барак Обама, бара безусловен прекин на нивната градба. Нетанјаху само вети дека нема да се градат нови населби, но сегашните мораат да имаат право на природно ширење.

Netanjahu sucht zweite Chance im Weißen Haus
Зборуваат ли ист јазик? Нетанјаху и Обама на поранешна средба во ЕрусалимФотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас претходно порача дека нема да учествува на никакви мировни преговори додека градењето еврејски населби на палестинските подрачја не биде безусловно прекинато.

Огорчени реакции на Палестинците

Говорот на Нетанјаху наиде на остри критики од таборот на Палестинците. Главниот преговарач Саеб Ерекат оцени дека израелскиот премиер поставил такви услови, со кои еднострано се одредуваат решенијата за сите отворени прашања, за кои би требало да се водат преговорите. Нетанјаху всушност не прифатил основање палестинска држава, бидејќи поставил услови што го прават невозможно создавањето суверена палестинска држава.

Palästinensischer Präsident Abbas mit Saeb Erekat in Kairo
Махмуд Аабас и Саеб ЕрекатФотографија: picture alliance/dpa

Слично е мислењето и на Рафик Ал Хусеини, советник на палестинскиот претседател Абас: „Мислам дека тој рече оти Палестинците нема да добијат држава. Условите што ги постави се неприфатливи. Нетанјаху фактички им објави војна на Палестинците, но и на целиот свет!“

Говорот на Нетанјаху е радикален, оцени, пак, Исмаил Радван, висок претставник на Хамас. Тоа е шлаканица за сите кои се залагаа за преговори со Израел. Радван побара од палестинските автономни власти да ги прекинат преговорите и сите контакти со израелската влада.

Автор: Себастијан Енгелбрехт / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска