1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Државата ни форсира, ниту треба да форсира една религија“

11 ноември 2009

Интервју со Валентина Божиновска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници за актуелните случувања и проблеми во одделните верски заедници во Македонија.

https://p.dw.com/p/KThx
Валентина БожиновскаФотографија: Petr Stojanovski

Г-ѓо Божиновска, Македонија и во најновиот извештај на Стејт Департментот е критикувана поради случајот Вранишковски. Зошто државата си дозволува луксуз да го нарушува меѓународниот углед поради чисто црковен спор?

Божиновска: Начелно, во него има и една добра забелешка за државата, дека се почитуваат верските слободи и права, особено во делот дека Комисијата успешно ги завршува односите со поголемите и помали верски заедници во земјата. Она што јас го забележувам во извештајот е дека тоа се работи кои се добиени како аргумент во однос на лицето Зоран Вранишковски од кажувањата на неговите приврзаници. Значи, не станува збор за нешто потврдено, туку за нешто што така го велат приврзаниците на Вранишковски. Мислам дека државата не води спор со Вранишковски. Уставниот суд пред две недели негативно одговори на барањето на Вранишковски и неговите приврзаници дека се нарушени нивните верски права и слободи. Аргументот е дека правото на вероисповед е индивидуално, а не колективно. Господинот Вранишковски иствовремено има поднесено тужби против Македонија пред судот во Стразбур.

Како го објаснувате фактот што во земја каква е што е Македонија, во која верската толеранција секогаш постоела, најголемите спорови се водат меѓу припадниците на иста вера? На пример, спорот меѓу бехтешите и ИВЗ, спорот Вранишковски и МПЦ?

Божиновска: Секогаш мислам дека земјите во транзиција имале такви проблеми бидејќи, за жал, верскиот конфликт беше сублимат и на верскиот конфилкт и во Европа. Но, мислам дека и случајот со Бехтешите и случајот Вранишковски се веќе маргина. Државата ни форсира, ниту, пак, треба да форсира една религија. Уставот е прецизен дека не треба да постои верска дискриминација. Македонија е потписник на сите резолуции и декларации во однос на ЕУ во делот дека ќе ги почитува сите верски права и слободи. Но, за жал, такви конфиликти се случуваат не само кај нас, да речеме во Романија, Полска, Украина.“

Се соочува ли Исламската верска заедница во Македонија со други проблеми освен со бехтешите?

Божиновска: Јас не мислам дека бехтешите се проблем на ИВЗ. Она што јас го добивам како информација во Комисијата е дека за жал постојат луѓе кои ја узурпирале Јахја-пашината џамија. Тоа се вахабистите и за жал верниците не можат да влезат во една од најсредишните џамии во Република Македонија и да бидат дел од верскиот обред. Тоа е така година наназад. Проблемот е голем и реисот Реџепи го признава тоа. Треба да се разговара за надминување на проблемот, бидејќи колку што знам, дел од тие луѓе некогаш биле дел од ИВЗ.“

Колку Македонија е плодно тло за појава на верски фанатизам?

Божиновска: Во период кога се решава едно кардинално прашање за името, кога излегуваме од рецесија, кога излегуваме од транзиција, најпогодни се верските конфликти. Но, не би рекла фанатизам, звучи посилно од фундаментализам и мислам дека е опасна референца кога би ја именувале така. Би требало да бидеме внимателни во делот кога Комисијата дава дозволи за престој на луѓето кои доаѓаат од страна, а кои се дел од религиозни групи. Потребен е поголем надзор во однос на тоа кои луѓе доаѓаат во Македонија, потребна е подобра комуникација меѓу Комисијата и верските водачи на религиозните групи.“

Како вие, како државен орган, го толкувате најавеното додавање на терминот Охридска Архиепископија во името на МПЦ? Дали времето одбрано за тоа само коинцидира со засилената потрага по решение на спорот за името на државата?

Божиновска: Не би го поистоветувала, бидејќи тоа е предлог поставен од Синодот на МПЦ уште во 2004, потоа било потврдено повеќепати дека еден ден мора да дојде до допрецизирање на името.

Нормализирирани ли се односите со Ватикан, по проблемите со кои во изминатите години се соочуваше Католичката црква во Македонија, мислам на опструкциите при изградбата на католичкиот храм во струмичко?

Божиновска: Кога бевме во Ватикан на чествување на празникот на Свети Кирил и Методиј, делегацијата беше примена со највисоки почести. Имавме усна, а сега и писмена покана папата Бенедикт 16 да ја посети Македонија. Она што радува е почетокот на изградбата на големиот храм, големата резиденција на Католичката црква во Македонија. Имаме каде да го поканиме Папата ако идната година реши да ја посети Македонија. За земјава ќе биде посебно значајно ако покаже интерес и на само неколку часа да претстојува во Македонија. “

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска