1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматично во битката за опстанок во Бундеслигата

14 март 2011

Третиот пораз на лидерот Борусија Дортмунд, нова тренерска смена и директните меѓусебни дуели на тимовите кои се борат за опстанок во лигата, го одбележаа 26-то коло во германската фудбалска Бундеслига.

https://p.dw.com/p/10YqH
Лидерот Борусија (Д) го забележа третиот пораз сезонаваФотографија: dapd

Во Дортмунд деновиве очигледно планираа дека уште неколку победи во серија и дефинитивно ќе им ја обезбедат титулата уште далеку пред крајот на првенството, но поразот во саботата на гостувањето кај Хофенхајм од 1:0, повторно ја прави интересна битката за титулата. Или во најмала рака поинтересна, за разлика од претходното коло.

„Бевме подобри во сите фази од играта, но создадовме премалку шанси за гол, а оние кои ги имавме не ги искористивме. Има повеќе причини за нашата неефикасност, а едната се вика Том Штарке, голманот на Хофенхајм. Но на крајот се беше заслужено, затоа што во фудбалот оној кој ќе постигне гол, а нема да прими, победува“, изјави тренерот на Борусија, Јирген Клоп.

На хартија, дуелот беше дерби, но на теренот беше далеку од тоа. Во дуелот меѓу вториот и петтопласираниот, Бајер Леверкузен нагости го совлада Мајнц со 1:0. Со трите бода, Бајер ја намали предноста на Борусија на врвот на само 9 поени.

„Денеска не видовме добар натпревар. Но на крајот среќно стигнавме до трите бода и тоа е многу добро за мојот тим. Се наоѓаме на второто место и тука сакаме и да останеме, а Дортмунд воопшто не не интересира“, изјави голгетерот на Бајер, Штефан Кислинг.

Фрустрираните „баварци“ се истурија врз Хамбургер

Бајерн Минхен ја истури сета фрустрација врз Хамбургер. По трите порази во серија, играчите на Бајерн го совладаа Хамбургер со 6:0.

„Кој би помислил? Многу сум задоволен и среќен што успеавме да одиграме еден ваков натпревар. Тоа беше и добра подготовка пред реваншот против Интер во Лигата на Шампионите“, изјави тренерот Луис Ван Гал.

Fussball 1. Bundesliga Hannover 96 - Hamburger SV
Тренерот Армин Фе отпуштен од Хамбургер по катастрофата во МинхенФотографија: dapd

За тренерот на Хамбургер, Армин Фе тешкиот пораз значеше и отказ од функцијата. Неговиот досегашен помошник Михаел Енинг ќе го води тимот до крајот на сезоната.

Ајнтрахт Франкфурт забележа уште пораз во пролетниот дел од сезоната, овојпат на гостувањето кај Шалке од 2:1 и по есенските надежи за пласман во Европа, пролетта му донесе борба за опстанок на тимот на тренерот Михаел Скибе.

„Разочарани сме од резултатот, но барем можеме да извлечеме нешто позитивно од поразот, а тоа е што по пауза од 7 натпревари, барем постигнавме еден гол. Во следната недела не не интересира ништо друго, освен мечот против Сенкт Паули пред нашите навивачи“, рече Скибе, чиј тим загуби 7 од последните 9 натпревари.

„Инфаркт“ мечеви во битката за опстанок

Драматично финале на мечот во Кајзерслаутерн каде домаќинот во последните моменти од средбата успеа да дојде до трите бода во дуелот против Фрајбург.

„Се разбира дека сум презадоволен од исходот, тоа е многу важно за атмосферата на стадионот, но и за атмосферата меѓу играчите кои дадоа се од себе за да стигнат до трите бода“, изјави тренерот на Кајзерслаутерн, Марко Курц по победата од 2:1.

Fußball Bundesliga - VfL Wolfsburg gegen Hamburger SV
Пјер Литбарски нема уште долго да седи на клупата на ВолфсбургФотографија: dapd

Тимот на Волфсбург загуби многу важни бодови во борбата за опстанок по поразот пред своите навивачи од Нирнберг со 2:1. Гостите успеаја да направат пресврт во вториот дел по водството на Волфсбург на полувремето. Шпекулациите дека тренерот на Волфсбург, Пјер Литбарски по само четири меча на чело на тимот ќе мора да замине, се се посилни.

И Вердер успеа да прокоцка предност во финишот од мечот против Борусија Менхенгладбах на домашен терен. Иако водеа во поголемиот дел од мечот, играчите од Бремен мораа да се задоволат со еден бод.

Во уште еден директен дуел меѓу конкурентите за опстанок во лигата, Штутгарт извојува многу значајна победа на гостувањето кај Сенкт Паули од 2:1. Последнопласираната Борусија Менхенгладбах сега има 23 бода, три бода повеќе освои Волфсбург, а последното место кое води во понизок ранг засега му припаѓа на Сенкт Паули.

Во петокот, Келн ја продолжи извонредната серија совладувајќи го Хановер со 4:0. Тоа беше шеста едноподруго победа на Келн пред своите навивачи.

Автор: Волфганг Ван Кан/Борис Георгиевски

Редактор: Симе Недевски