1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматична состојба во Алепо

Фредерике Шулц/ Жана Ацеска/ ртре/миа2 август 2012

Состојбата на цивилите и бегалците во Сирија, посебно во Алепо, станува се‘ подраматична. Поради жестоките борби во градот, припадниците на сириската Црвена полумесечина имаат тешкотии да им помогнат на луѓето.

https://p.dw.com/p/15iMC
Фотографија: Reuters

Само ограничено и со опасност по животот успеваат напорите на хуманитарците да им помогнат и да ги снабдат луѓето со кебиња, шатори, храна и вода. Луѓето имаат неопходна потреба од помош, вели Мелиса Флеминг, портпарол на УНЦХР; организацијата на ОН за бегалци. Оние кои не можат да избегаат од Алепо, бараат заштита во џамиите, училиштата и универзитетите во градот:

„Се обидуваме како можеме да им помогнеме на луѓето во училиштата. Во 32 школи во Алепо според наши информации има сместено по 250 до 350 луѓе во секое. Многу семејства со деца се во зградите на универзитетите, околу 7 илјади, кои бараат заштита пред постојаните стрелби и насилството на улиците на Алепо“.

Да се заобиколат Русија и Кина

Поради заканувачката хуманитарна катастрофа, дипломатите повторно се обидуваат да дојдат до решение за сирискиот конфликт. Во Каиро генералниот секретар на Арапската лига, Набил ал Араби изјави дека постојат придвижувања:

„Франција на пример побара итна седница на Советот за безбедност на ОН на ниво на министри за надворешни работи, што не се случува секој ден. Ќе има дискусии, а Французите сакаат да се разговара за преодна фаза во Сирија“.

Kämpfe in Aleppo 01.08.2012
Фотографија: dapd

Ал Араби смета дека она што во моментов се случува во Алепо, може да се изедначи со воено злосторство, спротивно на меѓународното право.

Арапските држави во меѓувреме побараа од Генералното собрание на Обединетите нации усвојување на резолуција за Сирија, со која би се побарало Башар Асад да замине од власт и формирање на преодна влада. Со нацрт резолуцијата се бара од сириската војска да прекине со гранатирањето и нападите и да се повлече во своите касарни. Со гласањето е предвидено да се заобиколат Русија и Кина, кои три пати веќе ставија вето во Советот за безбедност и спречија воведување санкции за Сирија.

Контрадикторни вести од боиштето

Во Алепо инаку борбите продолжуваат. Најголемите битки, според опозицијата, се водат околу главниот штаб на авијацијата и тајната служба. Врз напад на две полициски станици биле убиени 40 полицајци, тврди опозицијата. Независни извори кои ќе ги потврдат информациите нема. Двете страни во конфликтот со денови се натпреваруваат во давање соопштенија за свои успеси и деманти во врска со борбите во Алепо.