Драматична седница на кипарскиот парламент за реформите
6 септември 2013На итна седница на Парламентот, на крајот, длабоко во ноќта (05/06.09), беше дадено зелено светло за реформите за кои се водат контроверзни дебати. Реформите се предуслов за земјата да ја добие наредната транша помош во висина од 1,5 милијарди евра. „Повторно можеме да дишеме“, изјави соработник на Министерството за финансии за агенцијата ДПА по гласањето.
По долга седница, која траеше со часови и во текот на која се водеше жестока дебата, мнозинството пратеници гласаше за предлог законот со кој помалите банки ќе бидат ставени под директен надзор на Централната банка.
Парламентот во Никозија до вчера беше против ваквиот закон. Потоа беше свикана итна, вонредна седница во текот на ноќта, а министерот за финансии Харис Георгијадис преговараше со шефовите на опозиционите пратенички групи во обид да ги премисли. Истовремено, пред зградата на парламентот, против курсот на штедење протестираа повеќе стотици левоориентирани демонстранти.
Кипар од ЕУ, ЕЦБ и ММФ треба да добие помош во висина од 10 милијарди евра. Еврогрупата на 13 септември треба да даде зелено светло за наредната транша. За возврат, Кипар мора да спроведува мерки за штедење, чиј дел е и отпуштањето работници, приватизација на државни претпријатија и реформа на финансискиот сектор.