1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драматична борба против колерата

15 ноември 2010

Ситуацијата со епидемијата на колера на Хаити станува се’ подраматична. Бројот на загинати од болеста се искачи на преку 900 луѓе. Од почетокот на епидемијата на 22 октомври досега со колера се заразени 15 илјади лица.

https://p.dw.com/p/Q8sB
И децата се жртви на колератаФотографија: AP

Десет месеци по катастрофалниот земјотрес кој однесе близу 250 илјади животи , карипската држава последниве денови западна во нова катастрофа. Обединетите нации стравуваат дека бројот на заразени од колера може да порасне и до 200 илјади.

Со подобра хигиена да се запре болеста

Haiti Mann wäscht sich auf der Straße in Port-au-Prince
Условите за лична хигиена на Хаити се катастрофалниФотографија: AP

Хуманитарните организации кои се активни на теренот по силниот земјотрес во јануари, сега прават напори да го спречат ширењето на заразната болест, која се шири преку загадената вода и се манифестира преку тешка дијареа и повраќање.

„Ако успееме да ги образуваме луѓето и да ги научиме како да ги одржуваат личната хигиена и санитарните услови на повисоко ниво, не само што ќе ја запреме колерата туку ќе запреме и многу други болести“ вели Сајмон Неш од организацијата „Лекари без граници“.

Без итна финансиска помош , можен е неуспех

Инаку првите случаи на колера се појавија минатиот месец во регионот Артибоните северно од главниот град Портопренс. Од вкупно десет провинции во земјата, шест веќе се зафатени од епидемијата, која во меѓувреме стигна и до главниот град , каде што има најголем потенцијал за ширење со оглед дека 1,5 милиони луѓе и натаму живеат во привремените населби од шатори, кои се пренатрупани со луѓе и каде речиси и да не постојат услови за одржување на личната хигиена и чиста вода за пиење.

Инаку Обединетите нации веќе упатија драматично барање за 164 милиони долари помош за борбата против епидемијата на колера во Хаити. Тие предупредија дека без итна глобална финансиска поддршка, напорите за справување со епидемијата ќе доживеат неуспех.

Автор:СН/БГ/дв/дпа/ртре

Редактор: Жана Ацеска