Драги: ваква еврозона е неодржлива
1 јуни 2012Претседателот на Европската централна банка Марио Драги изјави дека лидерите на еврозоната мораат да одлучат како сакаат да изгледа таа во иднина, бидејќи нејзината сегашна поставеност е „неодржлива“. Според Драги, Европската централна банка не може да ја исполни „празнината“ што зад себе ја оставија одделни влади и дека не може да го поттикне економскиот раст и структурните реформи.
Еврокомесарот за економија Оли Рен додаде дека единствено решение гледа во построгите мерки за штедење, кои единствено можат да ја спасат еврозоната од распад.
Бројките и натаму предизвикуваат загриженост и потврдуваат дека должничката криза во еврозоната е во целосен налет. Инфлацијата во 17-те земји што го користат еврото порасна на 2,6 отсто во април.
Вредноста на еврото на азиските берзи, во текот на вчерашното и утринското тргување достигна најниска вредност во однос на доларот и јапонскиот јен во последните години.