1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

До каде е Македонија на патот кон ЕУ?

Тони Гламчевски9 декември 2008

Советот на министрите на ЕУ го поздрави напредокот што Република Македонија го има постигнато во одредени области, но посочи дека треба да вложи дополнителни напори за да се унапредат дијалогот и реформите.

https://p.dw.com/p/GC3Z
Кушнер и Солана на Министерскиот совет во БриселФотографија: AP

Министерскиот совет на Европската Унија смета дека Македонија постигнала извесен напредок во некои од клучните области, посебно реформата во судството и полицијата и во обврските кои произлегуваат од договорот за стабилизација и асоцијација. Европската Унија ја охрабрува земјата да го подобри дијалогот меѓу главните политички актери, со цел да се забрза ритамот на реформите и нормалното функционирање на институциите.

„И покрај постигнатиот напредок, остануваат уште значајни предизвици за 2009 година. Изборите во март претставуваат важен тест и ние сметаме дека ќе има слободни и праведни избори, кои ќе одговорат на сите меѓународни норми. Во тој контекст ги поздравувам измените на изборниот законик“ – порача еврокомесарот за проширување Оли Рен, по состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, највисокото политичко тело за соработка меѓу ЕУ и Македонија.

EU Olli Rehn
Изборите во март важен тест: евро-комесарот за проширување Оли РенФотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на македонската дипломатијата Антонио Милошоски нагласи дека македонската влада на краткорочен план се залага за исполнување на две цели: „Отворање на процесот на преговорите колку што е можно побрзо и спроведување на приоритетите од планот од 2008, што ги изработи секретаријатот за европоски интеграции.“

Името е сериозна пречка

Во врска со спорот околу името, Советот повикува да се избегнуваат активности и изјави кои можат да влијаат негативно на добрососедските односи. Суштинско е да се одржуваат добрососедските односи што подразбира заедничко прифатливо решение за името, стои во заклучоците.

Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер, кој претседаваше со редовниот состанок на министрите за надворешни работи на Европската Унија во Брисел, ја направи пораката уште појасна од било кога. Според Кушнер, Македонија тропа на погрешна врата, се' додека не го реши деценискиот спор со Грција.

Frankreich Neues Kabinett Bernard Kouchner
Името е проблем: шефот на француската дипломатија Бернар КушнерФотографија: AP

„Проблемот на Македонија е името. И искрено, можете да ми поставувате прашања за визите или за напредокот, се' додека не го решите проблемот со името, чукате на погрешна врата. Овој проблем треба да се реши. Не кажувам повеќе, но искрено, ситуацијата по долги месеци се чини многу, многу, сложена за еден толку едноставен проблем" - изјави Кушнер.

Шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски посочи: „Среќен сум што конфликтот наметнат од Грција не претставува дел од критериумите од Копенхаген, ниту на договорот за стабилизација. Ние се обидуваме на конструктивен начин да го продолжиме дијалогот со Република Грција за да изнајдеме компромис, но не наметнато решение, компромис што ќе ги почитува европските принципи и националното самоопредлување на Македонците.“

Македонија со другите од Западниот Балкан

Лоша вест за Македонија од вчерашниот министерски состанок е и документот за идното проширување на ЕУ, што вчера беше усвоен во Брисел. Врз основа на стратегијата за проширување на ЕК објавена во ноември со годишните извештаи, шефовите на европските дипломатии усвоија документ за проширувањето во кој поглавја им се посветени на Турција и на Хрватска. Македонија, иако земја-кандидатка, е спомната во една реченица заедно со другите земји од Западниот Балкан, за кои само се повторува дека имаат европска перспектива. Позитивен е фактот што вратата на ЕУ останува отворена и дека не е потребна ратификација на Лисабонскиот договор пред да дојде до нови проширувања, како што бараа Франција и Германија. Се очекува овие заклучоци на европските министри да бидат усвоени на самитот на европските шефови на држави и влади, закажан за крајот на неделава во Брисел.

Brücke über Vardar Fluss in Skopje, Mazedonien
Спореден кандидат: нема посебно поглавје за МакедонијаФотографија: Petar Stojanovski