Дојче веле продолжува да емитува на македонски јазик
18 мај 2011Реклама
Во Дојче веле претстојат обемни промени, но најбитно е дека останува понудата на македонски јазик. ДВ ќе продолжи да емитува радио-програма на македонски јазик, иако во намален обем од 1 јули годинава. Останува и интернет-понудата на Македонската редакција на ДВ, а се планираат и нови зафати, на пример продукција на телевизиски магазини, кои би биле емитувани преку партнерски тв-станици во Македонија.
Значи, почитувани слушатели на радиото и корисници на интернет-понудата на ДВ на македонски јазик: и во иднина ќе можете да не слушате на вообичаените фреквенции преку програмите на нашите партнери и да не читате во интернет на познатата адреса www.dw-world.de/macedonian. А за тоа кои емисии ќе бидат укинати, навремено ќе Ве информираме.
Инаку, ќе биде намален обемот на радиопрограмите и на јазиците од другите земји во регионот. Се укинува и емитувањето радиопрограма преку сопствените фреквенции на ДВ во Букурешт, Тирана, Приштина и Софија. ДВ планира укинување на емитувањето радиопрограми преку кратки бранови, освен за Африка и делови од Азија.
Ние продолжуваме да го следиме технолошкиот развој, како и развојот на состојбата на медиумскиот пазар и соодветно на тоа ќе ја прилагодуваме и во иднина нашата мултимедијална понуда. Ви благодариме за досегашната доверба. Останете и натаму со нас и со нашите програмски понуди.
Зоран Јордановски, уредник на Македонската редакција на Дојче веле
Реклама