1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дортмунд во „треска“ пред гостувањето на Реал

БГ/ртр/дпа24 октомври 2012

Распродадени се сите 65 илјади билети за мечот на германскиот против шпанскиот првак на Сигнал Идуна Парк. И двајцата тренери најавуваат дека ќе одат на победа. Добри вести за Борусија- враќањето на Геце и Шмелцер.

https://p.dw.com/p/16VTP
Фотографија: REUTERS

Тренерот на Реал Мадрид Жозе Мурињо на прес-конференцијата пред мечот од Лигата на Шампионите јасно стави до знаење дека неговиот тим сака да стави крај на непријатната традиција од гостувањето на „кралевите“ во Германија.

„Имаме историја на проблеми на германско тло, тука имаме само една победа, тоа се секогаш тешки мечеви против силни тимови“, рече Мурињо.

И покрај тоа што има освоено 9 европски титули, Реал Мадрид има очаен скор на гостувањата во Германија. Во последните 23 мечеви, тимот од Мадрид забележал 16 порази, а единствената победа ја оствари пред 12 години, на гостувањето во Леверкузен против Бајер од 3:2.

Мурињо сака да ја поправи оваа статистика, но и да осигура мирен пат за неговиот тим во натамошната фаза од Лигата на шампионите.

Во другиот табор, добри вести за тренерот на Борусија Јирген Клоп се опоравените Марсел Шмелцер и Марио Геце. Неизвесен е само настапот на Илкан Гиндоган. На Борусија не и‘ оди најдобро во домашното првенство, но во Лигата на шампионите тимот покажа одлични партии, особено на гостувањето кај Манчестер Сити.

Клоп беше расположен за шега на прес-конференцијата пред мечот, па на прашањето какви решенија очекува од Мурињо по повредите на неколку клучни дефанзивци на Реал, тој беше кус:

„Што и да стори Мурињо нема да биде добро за нас“, рече Клоп.

Шалке пред тешка задача во Лондон

Во вториот меч на денешниот репертоар за германските навивачи, Шалке му гостува на Арсенал во Лондон. Двата тима добро ја започнаа сезоната во најсилното европско фудбалско натпреварување, додека во домашните првенства имаат променливи резултати. Арсенал се соочува со бројни повреди на клучни играчи, додека атмосферата кај играчите на Шалке е на завидно ниво по победата во локалното дерби над Борусија Дортмунд во саботата. Според медиумите, ова ќе биде и германски дуел, бидејќи Шалке против себе ќе ги има германските репрезентативци и интернационалци Пер Мертезакер и Лукас Подолски.

Lukas Podolski bei Arsenal
Лукас Подолски (десно) најголема опасност за ШалкеФотографија: AP

Во вчерашните дуели од третото коло, Бајерн Минхен забележа рутинска победа на гостувањето кај францускиот Лил. Стрелец на единствениот погодок во победата од 1:0 беше Томас Милер од пенал во првото полувреме.

Вчерашниот натпреварувачи ден го одбележа пресвртот на Манчестер Јунајтед, кој во дуелот против Брага се врати по негативата од два гола и победи со 3:2. Европскиот првак Челзи загуби на гостувањето кај украинскиот Шахтјор со 2:1.

Во останатите мечеви:

Нордсјеланд – Јувентус 1:1; БАТЕ Борисов – Валенсија 0:3; Спартак Москва – Бенфика 2:1; Барселона – Селтик 2:1; Галатасарај – Клуж 1:1.