1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донесена спорната уставна реформа

ЕМФ/дв/макфакс12 март 2013

Благодарение на големото мнозинствоо во парламентот премиерот Виктор Орбан може да управува со Унгарија како што сака. Се‘ додека плановите не му ги попречи Уставниот суд. Сега Орбан го реши и тој проблем.

https://p.dw.com/p/17vKv
Фотографија: Reuters

Загриженоста од странство не ги запре конзервативците на Виктор Орбан (фото горе), исто како ниту протестите во земјата. Унгарскиот парламент, каде двотретинско мнозинство има владејачката партија Фидес, ги донесе спорните измени на уставот на земјата. Амандманот околу кој најмногу се полемизираше, а со кој се ограничува надлежноста на унгарскиот Уставен суд, беше усвоен со 265 гласови „за“, 11 „против“ и 33 воздржани. Социјалистите, најголемата опозициска партија, го бојкотираше гласањето, додека малата левичарска партија на зелените LMP безуспешно бараше од пратениците на Фидес да се изјаснат против законот.

Уставниот суд во иднина ќе може да ја преиспитува правната процедура, но не и содржината на промените на Уставот што во иднина ќе ги носи Парламентот. Промените на Уставот, освен тоа, би требало повторно на сцена да вратат некои закони што претходно паднаа пред Уставниот суд, а се однесуваат на пример на забрана на изборни реклами на приватните медиуми или криминализација на бездомниците.