1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Донаторска конференција за Палестинците во Париз

Philipp, Peter17 декември 2007

Претставници на 90 држави ќе се обидат да соберат околу петипол милијарди долари за поддршка на палестинската автономна власт. Со овие средства треба да се поддржи мировниот процес на Блискиот исток.

https://p.dw.com/p/CcWG
Претседателите Абас и Буш на средбата во Белата куќа во ноемвриФотографија: AP
Меѓународната финансиска помош треба да ја подобри драматично влошената состојба на палестинските автономни подрачја. Палестинскиот претседател Махмуд Абас и неговиот премиер Салам Фајед изготвија сеопфатна програма за наредните три години, што ќе биде основа за разговорите на денешната донаторска конференција во Париз. Притоа донаторите во помошта не гледаат само инструмент за моментално надминување на акутните проблеми, туку и средство за поттикнување на блиско источниот мировен процес. На сите учесници на конференцијата им е јасно дека за мир е неопходен и минимум благосостојба и стопански развој на засегнатото население.
Со конференцијата претседава поранешнот британски премиер Тони Блер, кој е официјален пратеник на меѓународниот блиско источен квартет. При неодамнешната посета на Западниот брег на реката Јордан, тој манифестираше оптимизам:
„Сметам дека добро напредуваме на полето на стопанските проекти. За обичниот Палестинец најважните докази за напредок се можноста да добие работа, да има доволно пари и да го подобри животнот стандард. А за Израелците е при тоа битно да добијат безбедност.„
Тоа нема да биде лесно, бидејќи најголемата опасност по безбедноста на Израелците доаѓа од ракетите што палестинските екстремисти ги истрелуваат од Појасот Газа, каде власта ја има радикалното движење Хамаз. Ривалското движење Фатах на претседателот Махмуд Абас ја има контролата над Западниот брег. Тој секако се обидува на конференцијата да ги застапува и иинтересите на околу милиони и половина Палестинци во Појасот Газа, но тоа е реално неможно. Затоа парите од меѓународните донатори ќе течат пред се‘ во структурите на Западниот брег. При тоа како најголем корисник се сметаат автономните власти на Палестиците, кои со 150.000 службеници се и најголемиот работодавач.
Финансискиот план на палестинскиот премиер Фајад ја доби и поддршката на Светската банка и ММФ. Официјален Вашингтон на тоа најави дека ќе ја зголеми помошта од досегашните 50 на вкупно 400 милиони долари во 2008-та година. Тоа е секако добар знак, бидејќи и останатите донатори веројатно ќе го следат импулсот на Американците. Така речиси е сигурно дека побараните средства од 5,6 милијарди долари ќе бидат собрани – барем на хартија.
Експертите при тоа предупредуваат дека само пари од меѓународната заедница нема да бидат доволни за надминување на тешката ситуација на палестинските автономни подрачја. Неопходно е и Израел да ги намали или дури укине секојдневните рестрикции за Палестинците. Дури таквата комбинација може да му ја ослаби позицијата на радикалното движење Хамаз, кое на викендов успеа да организира големи демонстрации во Појасот Газа против мирот со Израел.