1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Домот на поетот меѓу напуштањето, враќањето и сеќавањето

Силвера Падори-Кленке9 јуни 2013

Циклусот „Дом–егзил–дом“, што во рамките на Поетскиот фестивал Берлин 2013 го модерира Никола Маџиров, синоќа беше отворен со творештвото на Адам Загајевски (Полска) и Брејтен Брејтенбах (Јужноафриканската Република).

https://p.dw.com/p/18mLQ
14 Poesiefestival Berlin 2013 Wer hat das Bild gemacht/Fotograf?: DW/Silvera Padori-Klenke Wann wurde das Bild gemacht?: 8. juni 2013, in Berlin Akademie der Kunste Wer oder was ist auf dem Bild zu sehen? Gespräch Abend Home-Exit/Home mit Adam Zagajewski, Nikola Madzirov und Breyten Breytenbach
14. Poesiefestival in Berlin 2013Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Честопати поимот „татковина“ се формира врз основа на сопствената просторна позиција. Понекогаш, социјалните или политичките околности влијаат на придвижување и ја будат потребата за далечина од просторен или естетски аспект, поради што и многу творци, поети, писатели го напуштаат својот дом, своеволно или присилно, и станануват своевидни номади. Им успева ли во новата средина повторно да пуштат корења или остануваат без нив и талкаат ваму-таму? Која е улогата на домот? Колку јазикот е дом на творците? Ова се само дел од прашањата на кои во првата синоќешна (8 јуни), а и наредните четири вечери ќе се обидат да одговорат десетмината поети со светско реноме, кои се гости на македонскиот автор Никола Маџиров, кој е иницијатор и домаќин на циклисот разговори „Дом - егзил – дом“ на годинашниот Поетски Фестивал во Берлин.

„Сите поети кои се повикани имаат директна врска со напуштањето, со враќањето, директна врска со домот. Домот како градба, домот како имагинација, илузија, домот како хронотоп, како место на враќање и живеење“, вели за ДВ Никола Маџиров.

Во преполнетото фоаје на Академијата на уметностите синоќа со Маџиров за ова тема поезија читаа и дискутираа номинираниот полски поет за Нобеловата награда за литература од 2010 Адам Загајевски и Брејтен Брејтенбах, автор, уметник и борец против апартхејдот од Јужноафриканската Република.

Егзилот како инспирација

Со песната „Видикот на Краков“, со која Адам Загајевски ја отвори тематската поетска вечер, низ стиховите практично беше пресликан дел од животниот пат на авторот. Роден во Лемберг (Л’вов во некогашниот СССР, а денес Украина), детството го минал во Краков, па заминал во егзил во Париз, а од 2002 повторно живее во Краков. Загајевски потсети дека литературниот, поетскиот, творечкиот егзил е многу поинаков од оној со кој во денешно време се соочуваат илјадници безнадежни луѓе, кои по цена на животот заминуваат од Африка кон Европа преку Средоземното море. Тие се безгласни, за разлика од поетите и творците кај кои живеењето надвор од татковината било одлука која им донела и инспирација, присутност, нивна препознатливост. Загајевски зборуваше за себе и кажа дека неговиот егзил, индивидуалниот, и не е типичен - тој никогаш не бил сиромав, ниту гладен!

Buchcover: Zagajewski - Ich schwebe über Krakau
Краков -стариот и новиот дом инспирација за Адам Загајевски

„Во 1992 заминав во Париз кога во Полска навистина беше многу тешко. Кога, ’Солидарност’ беше скршена. Но, не заминав да бидам дисидент, туку поради тоа што се вљубив. Мојот случај како дисидент не беше сериозен, ако не се има предвид дека љубовта и онака е доволно трагична“, раскажа Загајевски пред публиката со голема доза на хумор, сеќавајќи се дека заминувањето од домот во раното детство, наметнатата размисла од родителите дека она место на кое живее не е вистинското, придонеле во неговото пишување да се обиде повторно да го пронајде, да го иднетификува својот дом, изгубеното место.

Јужноафриканскиот писател, поет и уметник Брејтен Брејтенбах (роден 1939) ја напуштил татковината во 1959. Заминал на стиудии во Париз и станал силен борец против апартхејдот поради што останал во егзил (се оженил со Виетнамка поради која дома бил непосакуван). Во 1975 се обидел да се врати со лажен пасош, поради што бил уапсен, осуден за тероизам и минал повеќе од седум години в затвор. По ослободувањето во 1982 година се вратил во Париз, каде се афирмирал како писател и уметник. И искуството на Брејтенбах е дека егзилот за творците можеби е навистина одделување од корените, од средината, но споредено со оние кои денес заминуваат од родните огништа во потрага по гола егзистенција, тоа е нешто сосема друго. Егзилот за писателите и поетите честопати е инспирација, мотор за творење и тоа е докажано кај многу светски признаени автори-дисиденти (Владимир Набоков, Чеслав Милош и др.).

Носталгијата – копнеж по илузијата

Вистина е, како вели Брејтенбах, дека и кај секој човек кој е заминат од домот, носталгијата е заринкана до секоја клетка. Но, според Брејтенбах отворено останува прашањето: што е носталхијата? Не е ли само сон, визија по едно време кое исчезнало, по изминатата младост? И не е ли само копнежот за враќање кон една илузија - за враќање во рајот?

Breyten Breytenbach
Носталгијата кај сите што се заминати од дома е длабоко заринкана во душата. Брејтен БрејтенбахФотографија: dpa - Bildarchiv

Поетите разговараа и за значењето на мајчиниот јазик во творештвото. Адам Загајевски, кој голем дел од животот го минал во Париз, а професионално и во Америка, и иако ги говори јазиците на средината каде живе и работи - сепак твори на полски. Брејтен Брејтенбах, пак, пишува на англиски. Иако е поделен меѓу Европа, Јужна Африка и Соединетите Американски Држави, егзилот во него толку го префини јазичниот израз и стил, така што не само што неуморно твори, туку и наученото го пренесува како предавач за креативно пишување на англиски јазик на Универзитетот во Кејп Таун и на Гор институтот во Дакар, Сенегал.

„Во секој слулач за сите поети-гости на тематските вечери егзилот или патувањето надвор од нивната земја им има помогнато да изградат еден нов дом на темелите на своето детство, на темелите на своите сеќавања, очекувања и копнежи“, коментира и Маџиров, кој во дисксијата како посебен аспект го издвои јазикот на творците кои се далеку од дома, потенцирајќи: „Велам дека поетиката на животот е всушност преселување и дека животот на поезијата е патување. А, јазикот - секако е дом!“.

За овој дом: егзилот, јазикот и враќањето во наредните вечери со Никола Маџиров ќе дискутираат и Дурс Грундбајн, Михаел Кригер, Иља Камински, Томаж Шаламун, Луљета Лешанаку, Иман Мерсал, Ишион Хучинсон и Валшина Морт.