200610 Weltflüchtlingstag UNHCR
20 јуни 2010„Дома - сигурно место за нов почеток“ - вака гласи мотото на годинашниот светски ден на бегалците. Меѓутоа, овој нов почеток во Италија го доживуваат малкумина. Темата илегална имиграција во земјата веќе не се следи со толку големо внимание како порано. Поточно, од пред една година, кога владата ја промени политиката кон нелегалното доселување. Оттогаш Италија, по налог на министерот за внатрешни работи, кој доаѓа од редовите на екстремната партија Лега норд, бродовите со бегалци ги препраќа кон Либија, веднаш откако тие ќе стигнат до италијанско копно.
Единствени кои се упорни во критиките се црквата и организациите за човекови права. Лоренс Џолс од комесаријатот на ОН за бегалци, истакнува:
„Проблемот при ваквата депортација е тоа што се депортираат сите, никому не му се дава шанса. Никој не се грижи за луѓето, на кои можеби итно им е потребна помош. Тоа е најлошото.“
Патување без дестинација
Голем број од бегалците, кои нелегално пристигнуваат во Италија, не добиваат шанса да поднесат барање за азил, што претставува јасно прекршување на Женевската конвeнција за бегалците. Политиката на Италија кон бегалците го направи ризичното патување уште поопасно, вели Џанфранко Скјавоне од националната тркалезна маса за азилантски прашања:
„Денес голем број бегалци воопшто не успеваат да дојдат до Италија - или воопшто не можат да тргнат од Либија, или, пак, ги ловат уште додека се на отворено море и ги депортираат назад. Јасно е дека тие не можат да се вратат во нивните родни земји, бидејќи проблемите кои ги натерале да побегнат, војни или прогонувања, се` уште ги има.“
Пред една година Италија потпиша договор за пријателство со Либија. Во него се застапени прашања како гас, нафта, изградба на патишта и - ни помалку, ни повеќе - бегалци. Оттогаш либиските воени бродови смеат да ги ловат бродовите со нелегални мигранти безмалку до бреговите на Италија и Малта. А како војниците се однесуваат кон овие бегалци - никој не знае. Нешто како право на азил во Либија не постои, затоа пак има доволно затвори. А од пред две недели, по наредба на властите, од земјата мораше да се исели и канцеларијата на УНХЦР.
Автор: Штефан Трендле / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска