1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Должничката криза ја кочи германската економија

13 октомври 2011

Должничката криза во Европа и САД во наредната година значително ќе го закочи германското стопанство, оценуваат водечките економски институти во Германија. Во 2012 година брутодомашниот производ ќе се зголеми само 0,8%.

https://p.dw.com/p/12rGJ
Фотографија: Fotomontage/DW

По речиси трите проценти зголемување на брутодомашниот производ оваа година, наредната 2012-та ќе биде „посна“. Во својата есенска прогноза, водечките економски институти во земјата, предвидуваат дека опаѓањето ќе се почувствува веќе во последниот квартал од годинава. Истражувачите оценуваат дека рецесија сепак нема да се случи, затоа што веќе во првиот квартал од 2012 година ќе има благ пораст на БДП. Една земја е во рецесија доколку два квартали едно по друго бележи пад на брутодомашниот производ.

Истражувачите предупредуваат дека изгледите за светската економија се исто така значително влошени. Несигурноста во која се наоѓаат претпријатијата во земјата и потрошувачите е причина за помала потрошувачка. Порастот во наредната година не може да се потпре толку многу ниту на извозот, затоа што поради светската криза, побарувачката на германски производи во светот исто така ќе биде намалена.

Euro am Abgrund
Според научниците, актуелната должничка криза се заканува да прерасне во банкарска кризаФотографија: Fotolia/ChaotiC_PhotographY

Според научниците, актуелната должничка криза се заканува да прерасне во банкарска криза. Институтите сметаат дека ќе биде неопходно реструктуирање на долгот на Грција, што нема да доведе до колапс на банкарскиот систем во Германија, но може да има „заразни ефекти“ во делови од финансискиот систем. Со тоа би се зголемила опасноста од тоа германските претпријатија да доаѓаат потешко до пари, што би спречило пораст и, во најлош случај, би можело да доведе до рецесија во земјата. Досегашните мерки на евро-државите во борбата против должничката криза доведоа до „кусорочно смирување, но не ги решија приоблемите“, критикува Роланд Дерн од Рајнско-вестфалскиот инстут за економски истражувања во Есен.

Автор: ЕМФ/афп

Редактор: А.Трајковска