1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долг пат до интеграција за севернокорејските бегалци

Џејсон Стротер - Сеул/ Б. Георгиевски27 јули 2013

Војната на Корејскиот полуостров заврши пред 60 години. Во меѓувреме двете земји уште повеќе се оддалечија една од друга. За околу 25 илјади Севернокорејци кои пребегаа на југот, интеграцијата е потешка од очекувањата.

https://p.dw.com/p/19Enw
Фотографија: Reuters

За Ли Мин Јунг животот во Јужна Кореја ги надминал сите нејзини очекувања. Гледајќи наназад, 10 години откако побегнала од Северна Кореја, оваа 21-годишна девојка, вели дека е вчудоневидена што успеала толку да постигне.

„Кога првпат пристигнав тука, тоа беше културен шок“, раскажува Ли која одбива да се претстави со нејзиното вистинско име. „Не знаев ништо од она што го знаеја другите на моја возраст, како што беше користењето компјутери и интернетот, или говорењето англиски.

Ли е една од 25-те илјади Севернокорејци кои сега живеат под линијата на демилитаризираната зона, границата која ги дели двете земји уште од војната во 1953 година. Таа и нејзината мајка заедно избегале од земјата, но биле одвоени во Кина и оттогаш не се сретнале. Ли успеала да стигне до Јужна Кореја со помош на христијански мисионери кои и денес се грижат за неа.

Но, преселбата не е крајот на патот за бегалците. Некои велат дека снаоѓањето во хипер-конкурентната Јужна Кореја е уште пофрустрирачки и збунувачки отколку животот што го оставаат зад себе. Надминувањето на дискриминацијата често е најголемата пречка.

Nordkorea Bildergalerie Kim il Sung Kim Jong Il Hoeryong Bilder Plakat Bildnis
Образованието во Северна Кореја е насочено кон „ликот и делото“ на комунистичките диктаториФотографија: Benjamin Mack

Акцент на поделбата

Иако Севернокорејците немаат проблем да се вклопат во јужнорејското општество со својот изглед, Ли вели дека нивното потекло се открива секојпат кога ќе проговорат.

„Начинот на кој говорат Севернорејците е различен од јужнокорејскиот јазик. Мене многу ми се потсмеваа поради акцентот. Имав голем проблем нормално да комуницирам“, вели таа.

Дискриминацијата од страна Јужнокорејците најчесто не се ограничува само на различниот акцент. На Севернокорејците често се гледа со недоверба и не им се верува поради сомнежите дека се поврзани со режимот во Пјонгјанг.

„Јужнокорејците имаат проблем да ги одвојат Севернокорејците од режимот во Пјонгјанг. Со овој лош имиџ всушност и започнува дискриминацијата“, вели Шин Ми Нио од Иницијативата Саеџови за национална интеграција.

Предрасудите во комбинација со недостатокот на образование, кое Јужнорејците го сметаат за нешто што се подразбира, ја спречува целосната интеграција на Севернокорејците, дополнува Шин.

Според официјалните податоци, стапката на невработеност меѓу бегалците е 7,5 проценти, двојно повеќе од државната. Оние кои ќе успеат да се снајдат, најчесто работат ниско платени работи кои не ги сакаат Јужнокорејците.

Надминување на разликите

Ким Јонг Ил, и самиот бегалец од северот, формираше организација наречена Движење за повторно корејско обединување, која им помага на неговите сонародници да се интегрираат во новото општество. Организацијата обезбедува поддршка за 600 луѓе. Првиот чекор е образованието.

Nordkorea Sprachschule
Ким Јунг ИлФотографија: privat

„Бегалците не можат да се адаптираат на образовниот систем тука затоа што во Северна Кореја единствено учат за минатите лидери. Предметите кои го глорифицираат режимот се единствените на цена во Северна Кореја“, вели Ким.

Во групите учествуваат и волонтери од Јужна Кореја, кои на тој начин се запознаваат со своите сонародници и ги уриваат меѓусебните бариери.

На часовите учествува и Ли Мин Јунг, која вели дека курсот не само што тоа и’ помогнало да научи нешто ново, туку и да ги разбие сопствените стереотипи за Јужнокорејците.

„Мислев дека сите Јужнокорејци се дволични. Но, откако ги запознав, моето мислење се промени“.