1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Докажан партнер на НАТО

Сашко Димевски10 март 2008

Дали Македонија ќе добие покана за членство во НАТО ќе се знае дури на самитот на Алијансата во Букурешт. Но, Македонија од војнички, стратегиски и партнерски аспект веќе шест години е ангажирана во мисии на Алијансата

https://p.dw.com/p/DLgN
Од самитот на НАТО во ОхридФотографија: Petr Stojanovski

Армијата на Република Македонија својот активен однос кон борбата против глобалниот тероризам и изградбата на светскиот мир ги почна во 2002 година со учеството на двајца свои офицери во мисијата ИСАФ во Авганистан. Денеска, шест години потоа, АРМ во четири мисии низ светот учествува со над 200 војници и старешини.

Чета во Авганистан,војници во Ирак, Босна

Двајцата старешини во Авганистан сега нараснаа во механизирана пешадиска чета и еден медицински тим, со вкупно 134 мировници. Во мисијата Слобода за Ирак од 2003 година Македонија е присутна со еден вод специјалци, кои од пред еден месец се зголемија на два вода или точно 79 мировници, додека во мисијата Алтеа на ЕУФОР во БИХ има 23 мировници, како и еден штабен офицер во мисијата Унифил во Либан.

„Ако сумираме една вкупна бројка учесници ќе дојдеме до 1.100 припадници на армијата. За некого таа можеби не е голема бројка, но ние во моментов учествуваме со 237 војници во мисиите во светот, што претставува околу четири отсто од проектираната вкупна бројка на армискиот состав“, вели портпаролот на АРМ потполковникот Мирче Ѓорговски.

Во Авганистан досега се изротирале околу 600 војници и старешини на АРМ, додека во Ирак над 400 армиски специјалци, а она за што во АРМ посебно се гордеат е фактот дека многумина од нив се пофалени и наградени, а дел и одликувани за покажаната умешност и храброст во борбата со терористите.

Бројките зборуваат за себе

За тоа колку е голем придонесот на македонските мировници нека послужи и примерот дека покрај големите сили САД и Велика Британија кои во мисиите во Авганистан и Ирак учествуваат со над 30.000 односно 12 .000 војници, како некакви репери е десетмилионската Бугарија која учествува со 500 војници или едвам 1,2 отсто од вкупниот армиски состав, дваесетмилионската Романија со 900 војници или околу 1,2 отсто, Словенија која е со иста популација и армија како Македонија има испратено 60 војници или еден отсто од армијата, а соседот Грција која ги задава најголемите проблеми за интегрирање на Македонија во Алијансата својот придонес во мисиите во Авганистан и Ирак го заокружува со само 140 војници или 0,1 отсто од својот активен армиски состав.

„Познато е дека до крајот на 2009 година ние во мисии ќе имаме подготвено единица од среден пешадиски батаљон со околу 600 војници, а до крајот на 2013 година ќе имаме една борбена батаљонска група со над 1.100 или 1.200 војници“, за Дојче Веле соопшти армискиот портпарол Ѓорговски.

Ова се само бројки, но тие ја покажуваат исклучитечната волја и желба и посветеноста на АРМ и Македонија активно да учествуваат во мисиите, а тоа значи квалитетно да одговорат на поставените задачи од НАТО, односно исполнување на бараните стандарди и со право очекување покана за членство.