1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дожд од арапски пари за Србија

Немања Рујевиќ/Жана Ацеска19 октомври 2013

Обединетите Арапски Емирати го зголемуваат своето влијание во Србија, дотекуваат милијарди долари инвестиции и кредити. Дали зад неочекуваното зближување меѓу заливската и балканската држава се само економски интереси?

https://p.dw.com/p/1A2At
Фотографија: Reuters

Шеикот Мухамад бин Заид Ал Нахиан се смееше видно расположен кога му беа предадени дресот на ФК „Црвена ѕвезда“ од Белград и реплика на Европскиот куп. Српскиот вицепремиер Александар Вучиќ, кој Ал Нахиан радо го нарекува свој пријател, исто така се смешкаше. Но, шеикот во Србија сигурно не го привлекува дресот на поранешниот европски шампион. Престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати тука има да заврши многу деловни задачи. Така, авиокомпанијата на Емиратите, Етихад Ервејс, во август купи 49 проценти од српскиот ЈАТ, а еден од државите фондови на Абу Даби, Мубадала, сака да инвестира во српските центри за обработка на податоци. За Арапите исто така е интересно земјоделството на Србија, а Белград до крајот на 2014 година ќе добие и кредит од две до три милијарди американски долари од Емиратите.

Само бизнис

Овие инвестиции се само бизнис и нема никаква политичка поврзаност, смета Ферена Штробел од Баварската покраинска банка. Емиратите се обидуваат да извршат диверзификација на домашното стопанство и затоа бараат нови локации за инвестиции, вели таа.

„Тие моментно се обидуваат да изградат нови економски столбови и да не се потпираат само на нафтата. Во Дубаи е видно дека многу интензивно се инвестира во туризам и дека градот се промовира како нова сообраќајна авионска крстосница“, вели Штробел за Дојче веле. Во западните држави растежот моментно е поматен, затоа постојат региони каде можат да се прават исплатливи бизниси, пред се‘ во Азија и, зошто да не, на Балканот.

Брутодомашниот производ по глава на жител во Емиратите изнесува околу 65 илјади долари, десет пати повеќе отколку во Србија.

„Србија има добри шанси да постигне поголем економски развој, зашто земјата засега, за жал, постигнува помалку отколку пред неколку децении“, вели Милан Ковачевиќ, српски експерт за странски инвестиции. Се очекува следната 2014 година Србија да оствари економски раст од 2,5 насто. Истовремено расте меѓутоа и државното задолжување и тоа нагло. Само во оваа година расходите ќе го надминат брутодомашниот производ за 4,7 проценти, а државниот буџет е толку загрозен, што министерот за финансии пред една недела со алармирачки зборови предупреди од банкрот. Како прва мера ќе бидат скратени за една четвртина платите на над 700 илјади државни службеници. Истовремено данокот на додадена вредност се зголемува од 8 на 10 проценти.

Muhammad bin Zayid Al Nahyan Vereinigte Arabische Emirate
Шеикот Мухамад бин Заид Ал НахианФотографија: imago/PanoramiC

Кредитите не се подароци

Во санирањето на државните финансии наводно треба да помогнат и Обединетите Арапски Емирати. Станува збор за две до три милијарди американски долари до крајот на 2014. година, кои треба да бидат позајмени под исклучително поволни каматни услови.

„Емиратите се многу богати и нивниот внатрешен пазар е веќе заситен“, објаснува Ферена Штробел. „За оваа држава не игра голема улога колкави се каматите на кредитите“.

Кредитите кои ќе стигнат од Емиратите, српскиот заменик-премиер Александар Вучиќ ги смета речиси како подарок. Оваа изјава го лути експертот Ковачевиќ.

„Кредитот нема врска со подарок, подароците не треба да се отплаќаат, а кредитите мора“, вели тој за Дојче веле.

Притоа, кредитите имаат често и скриена цена, имено, економски предности за кредитодавачот. „Најнов пример е Кинескиот мост во Белград. Градежните работи се финансирани преку кредит од Кина, а Кинезите се погрижија мостот да го гради кинеска фирма. Така, Србија всушност го увезе мостот“, вели Ковачевиќ.

Експертите зад великодушноста на Емиратите насетуваат и стратешки интерес за српската индустрија за производство на оружје, најсилната извозна бранша на земјата.

„Бизнисот со оружје е многу профитабилен и во него доминираат големите светски сили. Разбирливо е што Србија бара некое празно место во него“, вели Ковачевиќ.

„Ние располагаме со значајни капацитети за доработка кога се работи за ситни или ловечки оружја и муниција“.

Flugzeugmodell Air Serbia
Нова надеж - Ер СрбијаФотографија: ANDREJ ISAKOVIC/AFP/Getty Images

Настапува Ер Србија

Кредитите од Емиратите се ветени, но засега е сигурно едно - авиокомпанијата Етихад купи 49 проценти од српски ЈАТ. Тој со години бележи загуби и мораше да биде поддржуван со пари од данокот. Со новиот арапски партнер ситуацијата сега треба да се промени - ново име (Ер Србија), компактна Ербас флота и помалку работни места треба да донесат профит.

„Оваа инвестиција беше интересна за Етихад, зашто Ер Србија лета на многу дестинации кои не ги покриваат европските крупни авиопревозници“, вели експертот за воздушен сообраќај Хајнрих Гросбонгарт за Дојче веле.

„Тоа се линиите на Балкан или во правец на источна Европа, кои не се интересни за Луфтханза и за Ер Франс“.

Гросбонгарт како пример ја наведува Ер Берлин - Етихад од пред две години поседува 29 проценти од втората по големина германска авиокомпанија и тоа беше исплатливо за двата партнера.

„Ер Берлин направи значителен дополнителен обрт преку т.н.кодшеринг со Етихад. Само во првото полугодие имаше 450 илјади заеднички патници. Тоа во голем дел се луѓе кои Ер Берлин инаку не би ги добил“, смета Гросбонгарт. Тој верува дека српската авиокомпанија ќе може да профитира од партнерството со Етихад на сличен начин.

Можеби на крајот ќе профитира и ФК „Црвена ѕвезда“ од Белград. Се шират гласини дека шеикот Ал Нахиан сака да го спонзорира клубот. Тоа не е без основа - неговиот полубрат Мансур Бин Зајед, најпознатиот „фудбалски шеик“ во светот, веќе вложи повеќе стотици милиони евра во англискиот прволигаш Манчестер Сити.