1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор од интерес

12 октомври 2009

Германските весници денеска се осврнуваат на потпишаниот договор и официјализираните намери на Турција и Ерменија да ги нормализираат билатералните односи.

https://p.dw.com/p/K4a4
Протести во Ерменија против договорот за приближување со ТурцијаФотографија: AP

За приближувањето меѓу Турција и Ерменија весникот „Зиддојче цајтунг“ пишува: „Она што го најавија владите на двете земји е храбро, можеме само да се надеваме дека нема да се исплашат од сопствениот кураж. За двете земји важи истото: дома владее голем отпор против приближувањето. Но, во двете земји важи и следното: фронтот на непомирливите не е во право. Ерменците, кои велат дека не смее да има доближување до Турција додека таа не го признае геноцидот од 1915 година, не се во право. Турција, кога и да е, ќе мора да се соочи со своето минато. А секој чекор на двете земји една кон друга ќе биде и чекор поблиску до оној момент, кога ќе биде зададен уште еден удар во ѕидот на негирањето. Затоа Ерменците треба да го слават приближувањето, иако денеска се‘ уште не го добиваат она што го посакуваат.“

Весникот „Ноје Оснабрикер цајтунг“ укажува на друга димензија на прашањето, економската: „Наскоро договорот меѓу Турција и Ерменија, на кој потписи ставија министрите за надворешни работи во Цирих, нема можеби да вреди ни колку хартијата на која е напишан. Затоа што, кај двата заколнати непријатели до денес не може да стане ни збор за вистински желби за помирување. Во игра се економските интереси на повеќе засегнати, пред се‘ на Американците и Европејците.

Ерменија преку Турција може да преземе клучна позиција во обезбедувањето на гасоводот ’Набуко’. Проектот треба да донесе гас за Европа и да ја скрши руската позиција на енергетска сила. Но, тоа е можно само ако меѓу Анкара и Ереван владее мир. Турција преку договорот со Ерменија си пишува поени за влез во ЕУ, а Ерменија се надева на трговски патишта кон Западот. Плановите за иднината притоа може да се изјаловат поради минатото. Една експертска комисија сега треба да успее да го постигне она што не беше можно речиси цел век: да ги преработи и надмине непријателствата меѓу двата народа, произлезени од прогоните на Ерменците за време на Првата светска војна. Тоа е мамутска задача, чиј успех зависи од тоа дали одговорните во двете земји конечно ќе престанат постојано да ја поттикнуваат меѓусебната омраза.“

И весникот „Рајнпфалц“ ги истакнува интересите, но во малку подруга конотација: „Анкара во себе се прости од членство во ЕУ. Преговорите ќе течат и натаму, но Анкара веќе не ги положува сите јајца во корпата на ЕУ. Промената на стратегијата има врска и со Русија. Откако Владимир Путин стана премиер во 1999 година, Москва прашањето на енергијата, нафтата и земниот гас, го поставува на база на моќ. Во тоа на Москва и‘ е потребна и Турција, зашто оној кој сака да ги донесе гасот и нафтата од Централна Азија на светскиот пазар, мора да го помине Кавказ, па потоа да ги транзитира низ Турција. Кавказот повторно се‘ повеќе е домен на Турција и Русија, како во времето на султаните и на царевите. Но, отворањето на турско-ерменската граница со поддршка на Москва, за разлика од воинственото минато, сега среднорочно може да води кон нова мировна политика,“ констатира „Рајнпфалц“.

Избор од весниците: Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска