Договор за декриминализација на клеветата и навредата
13 јуни 2012Висината на надоместокот за нематеријална штета ќе биде 2.000 евра за авторот новинар, 10.000 евра за главниот уредник и 15.000 евра за сопственикот на медиумите.
За претседателот на ЗНМ Насер Селмани постигнато е прифатливо решение, односно, според него, се работи за оптимален компромис за кој ќе се организираат и јавни дебати. Овој закон, потенцира Селмани, е во насока на подобрување и на судската пракса, но и на зајакнување на професионализмот и стандардите во новинарството.
„Законот е поставен така што казните да бидат на крај. Воспоставен е систем кој му дава можност на новинарот да ја докаже вистината на напишаното. Ако во тоа не успее, да се извини, а има инструмент да се објави и демант. Крајна мерка ќе биде изрекување мерка надомест за нематеријална штета“, појасни претседателот на ЗНМ, кој додаде дека ова е еден важен чекор за подобрување на состојбите во медиумите.
Вицепремиерката задолжена за европски прашања Теута Арифи, која претседава со работната група за медиуми, оцени дека овој договор покажува оти може да се разговара за сите прашања, ако целта е постигнување повисоки демократски вредности во општеството. Таа изрази уверување дека постигнатиот договор ќе биде позитивно оценет и од страна на ЕУ.
До септември, според претседателот на ЗНМ, Селмани, треба да се исцрпат и прашањата поврзани со Законот за радиодифузија, Законот за работни односи, владините кампањи и МРТВ.