1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добра забава и добра заработувачка на Октоберфест

АТ/ дпа/ дапд23 септември 2012

Октоберфест не се состои само од пиво и свинскa печеница. Во рамките на фестивалот традиционално се одржува и презентација на носиите на која учествуваат повеќе европски земји. А фестивaлот носи и дoбар приход.

https://p.dw.com/p/16D0j
Фотографија: REUTERS

Речиси 10.000 луѓе учествуваа на традициoналната презентација на носии на Октоберфест денеска (23.09) во Минхен. Поворката беше долга речиси седум километри и мина низ центарот на баварскиот главен град. Групите кои презентираат различни носии доаѓаат од повеќе германски покраини, но и од други европски земји како Италија, Австрија и Швајцарија. Во поворката се претставуваа и минхенските пиварници и во неа учествуваа повеќе од 40 свечено накитени запрежни коли.

Оваа поворка со носии е една од најголемите во светот. На фолклорната манифестација која во последните години станува се’ поомилена, многумина учесници носат костуми кои ја претставуваат епохата на средниот век, рококо стилот или периодот на бидермајер. Дувачките оркестри и ловечките здруженија исто така се дел од манифестацијата.

Oktoberfest München Tag 1 2012
Фотографија: picture-alliance/dpa

Октоберфест како економски фактор

Октоберфест во Минхен е многу значаен економски фактор. Измината година фестивалот го посетија 6,9 милиони луѓе од целиот свет. Околу 12.000 вработени се ангажирани да ги опслужат гостите во пивските шатори.

Според пресметките на Стопанскиот оддел на градот Минхен, Октоберфест во 2011 година донесол приходи од 1,1 милијарда евра. Оваа вредност произлегува од директната потрошувачка на фестивалот (околу 435 милиони евра), преноќувања (403 милиони евра), како и прехрана, шопинг, превоз со такси или со авотбуси и железнички превоз (околу 276 милиони евра).

За време на Октоберфест се очекува да се испие 7,5 милиони литри пиво, но и повеќе десетици илјади литри вино и пенливо вино. На полјаната каде се одржува фестивалот посетителите ги очекуваат и редица други баварски кулинарски специјалитети.