1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијаспората гласа за – непознати!

20 мај 2011

Во трите изборни единици на дијаспората ќе гласаат 7.258 македонски државјани. Во „седумката“, значи Европа, на 28 локации ќе се изјаснат 4.653 Македонци. Меѓу осумте кандидати нема ниту еден од Германија.

https://p.dw.com/p/11Jxk
Македонците во Германија не ги познаваат доволно кандидатитеФотографија: DW

Седум мажи и една дама. Заедно имаат 330, а просечно секој 40 години. Седуммина се со високо образование. Тројца живеат во Швајцарија, двајца во Италија, а по еден во Велија Британија, Бугарија и Македонија. Ова е профилот на осуммината кандидати од изборната единица 7, сите предложени од политичките партии. Нема ниту еден кој доаѓа од Германија. Ниту еден лично тука и не се претставил во клубовите и црковните општини. Затоа, не е ни тајна дека 551 македонски државјани во Берлин, Бон и Минхен ќе треба да гласаат за - непознат!
„Луѓето се прашуваат - се пријавивме, а сега за кого да гласаме? Кој е тој, од која партија е, што ќе придонесе за нас во Германија? Има многу прашања на кои за жал одговорот не го знаеме“, коментира Васе Шопов од Хамбург.

Исти цели – исти методи!


Од разговорите со осуммината произлегува – амбициите на секој еден се да стасаат до Парламентот, и покрај, како признаваат, комплицираната ситуација заради многуте нејаснотии.
На листата прв е Кујитим Алигега, кандидат на Партијата на нова демократија. Роден во Гостивар, четврт век професионално е врзан за дијаспората. И тоа не само во Швајцарија каде живее, туку и во Германија и Италија.
„Не сум бил никогаш партиски војник, какошто се вели во Македонија. Отсекогаш сум бил независен. Мило ми е што на државата и‘ текна дека дијаспората не е само финансиски фактор. Не толку дека е политички, зашто ние не сме луѓе од политика. Но, Европа не‘ научи да работиме и да имаме и други идеи“, вели Алигега.
Втор на списокот е Кирил Чавдаровски, кандидат на Партијата на обединети демократи – Подем. Лекар е по професија, студирал во Софија каде сега живее и работи. До гласовите ќе се обиде да дојде преку контактите во Бугарија и странство.
Место во Парламентот со силната партиска поддршка сака да обезбеди и Ристо Манчев, кандидат на коалицијата на ВМРО-ДМПНЕ со уште 21 партија. Како градежен инженер шестипол години работи на различни проекти во Италија. Контактите и претставувањето, главно за него течат по партиски канали.

Државата-потпора!

Николочо Колев, трет на списокот, кандидат на ВМРО- Народна партија, е незадоволен од организацијата на гласањето за дијаспората. Поранешниот припадник на АРМ, пред четири години запишал и завршил колеџ за програмирање автоматски машини во Кембриџ - Велика Британија. Таму сега живее и пред избирачите се претставува преку социјалните мрежи. Се надева дека има шанси, зашто, како вели, гласачите бараат трета опција: брзо решавање на спорот за името, брз влез во НАТО и ЕУ, со што Македонците нема да мора повеќе да живеат на кредит и со хипотеки.
Во Швајцарија живеат и кандидатите: на ДУИ под број пет, Исмаил Белули, правник, и на ДПА под број 6 - Џемал Даути, и двајцата газди на фирми. Белули како парламентарец акцентот би го ставил на културното поврзување на старите со новите татковини на иселениците. Ќе се залага за интеграција, но не за асимилација. Едновремено ќе се ангажира материјалниот или културниот капитал стекнат во тие земји да се пренесе во земјата од каде се доаѓа.
Заим Билали, под реден број седум, бизнисмен со завршен факултет за социјална политика, кој 13 години живее во Италија, е адут на коалицијата на СДСМ и уште 14 партии. По потекло од Река, Требиште, ќе се фокусира на интересите на дијаспората, со што „луѓето ќе сфатат дека имаат држава која стои зад нив“.
Осмото место на листата го има единствената дама - Тања Христовска, филозоф и претставник на Европската партија на Македонија која живее во Скопје. Таа ќе се залага за интензивно поврзување на македонските граѓани со татковината и инвестирање во неа, при што за редовно комуницирање ќе ги користи можностите на новите технологии .

Автор: Автор: Силвера Падори-Кленке

Die Mazedonische Botschaft in Berlin Deutschland
Македонската амбасада во БерлинФотографија: DW/Padori
Wahlen in Mazedonien
Фотографија: AP

Редактор: Жана Ацеска