1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот е вистински одговор на револтот на младите

23 јуни 2011

Протестите на младите во Македонија, по убиството на Мартин Нешковски продолжуваат. Експерите предупредуваат политиката да не се меша и наместо тоа да отвори дијалог со младите за нивните проблеми и барања.

https://p.dw.com/p/11i3k
Фотографија: DW/Stojanovski

Решение преку разговори, а не преку обиди за дисквалификација со политички предзнак. Експертите предупредуваат политиката да не се меша во мирните протести на младите Mакедонци, Aлбанци, Роми кои со денови јавно бараат одговор, но и одговорност за убиството на младиот Мартин Нешкоски. Контра протестите и обвинувањата дека демонстрациите биле политизирани според нив не придонесуваат за вистинско решение на проблемите:

„Тоа во крајна линија не води кон добро на овој младински револт. Ако младинскиот револт го третираме како нешто што носи во себе ентузијазам, оптимизам, некаква надеж за идното, дека со нашиот револт состојбите во општеството ќе се менуваат, тогаш би било штета тој наплив на активизам и надежност дека нешто ќе се случува да го стопираме. Мислам дека е најдобро да се разговара со младите, да се види што е тоа што нема да го стопира и нивниот натамошен оптимизам дека состојбите може да се менуваат, бидејќи сепак ова во крајна линија е демократска земја“, смета универзитетскиот професор Ѓорѓи Тоновски.

Protest Jugendliche Skopje Mazedonien
Фотографија: DW

Да не се обезвреднува револтот на младите

Со сличен став е и социологот Илија Ацевски. Според него, самата квалификација кога ќе кажат дека сте дел од партија и дека тоа е партиска работа, со самото тоа се симнува односно се намалува самото значење дека вие сте дел од една партиска структура која што сака да оствари некои цели кои што не се пошироки општествени во рамки на државата, туку се далеку потривијални, пониски: „Затоа што ако во Македонија кажете дека постои некое автентично, да кажеме условно, невладино самоиницијативно тело без некоја сила, моќ која го направила однадвор тогаш тоа му дава друга димензија на настанот. Затоа партиите меѓу себе во тој поглед се обвинуваат, дури сега се организираат и некои паралелни манифестации за тоа докрај да се обезвредни. Да се каже дека Македонија нема граѓанско општество, нема граѓански сектор, нема демократија во тој контекст“, смета Ацески.

Proteste in Skopje Mazedonien
Фотографија: DW/Stojanovski

Истрагата за убиството на Нешковски во тек

Младите демонстранти кои од улиците се преселија пред споменикот на Мајка Тереза во меѓувреме ги повикаа своите врсници наместо со протести пред седиштето на опозициската СДСМ да им се придружат и со конкретни барања заедно да дебатираат. Контра демонстрантите пак негираат политичка поврзаност. Решението на проблемот го гледаат во институциите. Инаку истрагата за убиството на Нешкоски од страна на припадникот на специјалната единица „Тигри“, Игор Спасов се’ уште е во тек. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска не чувствува одговорност за целиот случај. Според нејзе МВР и институциите работеле за расчистување на убиството.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Симе Недевски