Дигитално вооружување
2 јули 2010„Кратко кажано, економскиот просперитет на САД во 21 век ќе зависи од сајбер-безбедноста,“ категоричен е претседателот на САД, Барак Обама.
Обама зборуваше за безбедноста во виртуелниот свет
Во 2009 година тој беше првиот претседател на САД кој и’ посвети цел говор на безбедноста во виртуелниот свет на компјутерите. Обама во таа прилика ја нагласи зависноста од компјутерските мрежи, со чија помош се испорачува нафта и гас, струја и вода, кои управуваат со јавниот сообраќај и безбедноста на авиосообраќајот. Во поглед на чувствителноста на овие системи, Обама заклучи: „Во денешниот свет терористички напади не извршуваат само екстремистите со експлозив. Тие може да бидат извршени со неколку комбинации на компјутерската тастатура. Тоа е оружје за масовно уништување.“
НСА е најголемата тајна служба на САД
Една година по овој говор на претседателот Обама, на 21 мај 2010 година, генералот Кејт Александер беше одликуван со четвртата ѕвезда. Шефот на „Националната агенција за безбедност“, НСА ја доби и командата врз новата сајбер-команда. НСА се смета за најмоќна и најголема тајна служба на САД. НСА е најголемиот работодавач за математичари од целиот свет. Од нејзиното седиште во Форт Мид тие ја надгледуваат електронската комуникација во светот, ја дешифрираат и обработуваат.
Кејт Александер на 3 јуни го имаше и првиот јавен настап како шеф на сајбер-командата и при тоа даде негативна оценка. Имено, шест милиони пати дневно се напаѓаат компјутерските системи на Пентагон, рече Александер и продолжи: „Поради нејзината благосостојба и моќ, Америка е цел на напади во сајбер-просторот. Еден од фундаментите на нашата моќ, нашата војска е можеби уште повеќе загрозена. Нашата војска е зависна од нејзините мрежи за команда и контрола, комуникација, операции на тајната служба и логистика. Ние од Министерството за одбрана мора да заштитуваме над седум милиони компјутери, кои меѓусебно се поврзани во 15.000 мрежи.“
Предлог-закон за интернетот и сајбер-војната
Притоа ретко кој зборува за офанзивните дејствија преку интернет мрежата. Американскиот експерт Херберт Лин појаснува дека тоа го налага внимателниот пристап кон домашното јавно мнение. Но, во меѓувреме преку 140 земји во светот подготвуваат тимови за офанзивни и дефанзивни дејства преку интернет, проценува германскиот експерт Сандо Гајкен.
Концерните за оружје од ваквиот развој очекуваат нови зделки. Тие ја прошируваат понудата со нови услуги и нов софтвер за одбрана од напади врз податоците. Во американскиот концерн за вооружување Рејтеон, на пример, кој има околу 75.000 вработени и прави годишен обрт од околу 20 милијарди евра, има драматично зголемување на активноста на овој план.
Важноста на интернет и сајбер-војната добива се’ поголемо внимание и од политиката. Американски сенатор и претседател на Комисијата за заштита на татковината, Џо Либерман, го даде досега најдалекусежниот предлог: тој претстави предлог-закон, според кој интернетот се декларира за национална сопственост на САД. Либерман меѓу другото предлага во случај на вонредна состојба претседателот на САД едноставно да го исклучи интернетот.
Автор: Матијас фон Хајн/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска