1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дивите станари во Лондон

Анете Дитерт / Симе Недевски5 мај 2013

Цените на недвижностите во Лондон се астрономски. Голем бројот луѓе не можат да си го дозволат тоа, а некои од нив дури и диво се вселуваат во се’ поголемиот број празни недвижности. Ова е приказната за т.н. сквотери.

https://p.dw.com/p/17LXR
Фотографија: Getty Images

Лондон - рецесијата е некаде на друго место во Велика Британија, но не и тука. Цените на недвижностите растат, а во центарот на градот само лани пораснаа за 30%. Но, и натаму се гради. Уан Хајд Парк - пентхаус за 40 милиони фунти. Нема проблем. Купувачи: Руси, Кинези, Арапи и бегалци од еврото.

Просечниот Лондончанец живее на час и половина оддалеченост од центарот на градот и секојдневно патува на работа. Без работа, на многумина им останува само уште улицата. Артур во Дорсет имал фарма за кокошки. Тука дошол за да најде нова работа. Но, стан никаде не можел да си дозволи.

„Лондон е изграден за богати, зарем не? И се’ уште е нивен град. Пониските општествени класи во моментов се оставени на цедило. Во овој дел од градот има стотици бездомници“, објаснува Артур.

London Hausbesetzer Archivbild
Фотографија: Ben Standall/AFP/Getty Images

За Артур ова е болно, посебно откако дозна дека многу луксузни недвижности зјаат празни само зашто купувачите шпекулираат со растечките цени.

„Ако се празни треба да се искористат. Би требало да биде противзаконски да стојат празни. Секогаш постојат луѓе со добри идеи кои немаат пари за недвижности. Сакам да им се стави крај на кириите, каматите и профитот, да се искоренат алчноста и корупцијата“, додава тој.

Речиси половина милион празни недвижности

Сепак Артур не дозволи да биде протеран така лесно од Лондон. Заедно со 60 истомисленици краткорочно диво се всели во една бизнис зграда. Празни недвижности во Лондон има околу 450.000, а се’ почесто се користат на ваков начин.

„Зад сето ова стои некој вид супкултура. Нешто врие под површината на она што на прв поглед личи на многу убав град.“, вели еден од дивите состанари на Артур. Тој, пак, се надоврзува: „Околу 2.800 квадратни метри има овој простор. Навистина е голем. Ова порано била зграда на Бритиш Телеком, кој има договор уште две години, но зградата долго време е празна“.

Во зградата диво се вселиле неоамна. Претходно се вселувале во приватни куќи, но од почетокот на септември тоа е казниво дело, што не важи за канцелариски и комерцијални простории. Поради тоа дивите станари засега тука се чувствуваат релативно сигурно.

Зградата ја пронашол Артур. Не морале ниту да обиваат, бидејќи прозорците биле отворени. А, сето тоа во самиот центар на Лондон, во една од најскапите населби во градот. Така ја насамариле владата на која, нормално, сето тоа не и’ се допаѓа. Со новиот закон таа сакаше овој феномен да го сосече во корен, а наместо тоа едноставно само го преместила.

„Не живееме во комунистичка држава во која сопственоста е кражба, а ресурсите во принцип ги распределува неков централен комитет. Вака се обидоа од другата страна на железната завеса и тоа не заврши многу добро. Сега живееме во многу подобро општество и треба да имаме соодветна социјална политика за оние кои се жртви на општеството“, истакнува Криспин Блант од Министерството за правда на Велика Британија

А, сопствениците на згради го имаат Пол, судски извршител. Тој заедно со повеќе од 5.000 британски сопственици на недвижности се избори за новиот закон. По нивни налог покренува тужби, оди на суд и спроведува иселувања, се’ во едно:

„Јас сум итна служба, како водоводџија. Кога некаде тече вода, кога имате див станар, не‘ повикувате нас“, вели судскиот извршител Пол Шамплина.

Symbolbild London Klage Finanztransaktionssteuer
Фотографија: Getty Images

„Високата класа го собира кајмакот“

Тој не стравува дека ќе остане без работа. Прогнозира дека диви станари ќе има се’ повеќе, барем ако владата не го спречи зголемувањето на јазот помеѓу богатите и сиромашните.

„Јас сквотерите целосно ги разбирам. Додека владата проблемот со недостаток на станбен простор не го реши со општинските совети и не изгради повеќе недвижности, и на општествено загрозените луѓе не им помогне да пронајдат поволни станови, вселувања на диво секогаш ќе има“, вели Шамплина.

Сепак, за секој случај Артур секогаш бара нови празни згради. Тоа го прави навечер, кога ќе се стемни и кога собира храна која и онака би завршила на отпад.

Судот во меѓувреме донесе одлука за иселување. Колку таа и да не му се допаѓа, некако сепак се помири со тоа.

„Поранешната работничка класа, која е сега класа на луѓе зависни од социјална помош, и високата класа, која и натаму го собира кајмакот, се’ уште постојат. Но, исчезна средната класа. Сега сте или богат или сиромашен“, вели Артур.

И додека фасадите на лондонските згради блескаат како и обично, оние кои живеат под границата на сиромаштијата во градот ги има се’ повеќе.