Де Пуч: Македонија го заслужува местото во ЕУ
16 јуни 2009Македонија го заслужува своето место во Европската унија, а патот кон приклучувањето е долг и тежок. Земјата почна процес за влез во Унијата и како други држави од ЈИЕ го заслужува своето место не само во рамките на Советот на Европа или во ОБСЕ, туку и во ЕУ, истакна претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Луис Мариа де Пуч во денешното обраќање пред пратениците во македонскиот законодавен дом.
Според Де Пуч, Македонија во изминатиот период направила многу, поради што се наоѓа пред одредување датум за почеток на преговорите за членство, како и пред ослободување од визните бариери.
Де Пуч упати и критики за слабостите што ги пројави државата, напомнувајќи ги лошо спроведените избори минатата година, неефикасното судство, а побара и целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор.
Првиот човек на Парламентарното Собрание на Советот на Европа ја охрабри земјата да започне вистински дијалог со сите соседи за отворените прашања. „Почнете вистински и отворен дијалог со сите ваши соседи во однос на прашањата во кои постојат различни погледи. Слушајте го другиот како што посакувате и самите да бидете сослушани. Одбегнувајте одлуки кои ја зголемуваат тензијата. Обидете се да се ставите на местото на вашите соседи за подобро да ги разберете нивните аргументи“, посочи Де Пуч.
Де Пуч истакна дека Балканот и натаму ќе остане приоритет за време на неговиот мандат.
Автор: АТ/ЖА/миа/макфакс
Редактор: Александра Трајковска