1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дејвид Боуви во љубовна афера со Берлин

Џеферсон Чејс 26 ноември 2008

„Херои“- така е насловена новата книга на германскиот автор Тобиас Ритер, посветена на поп камелеонот Дејвид Боуви и неговиот живот во Берлин во средината на седумдесетите години од минатиот век.

https://p.dw.com/p/G2Fo
Дејвид БоувиФотографија: AP

Во седумдесетите години од минатиот век Дејвид Боуви, една од најголемите рокенрол ѕвезди на сите времиња, одбра негов дом да биде еден релативно скромен апартман во Берлин. Трите плочи кои ги сними во овој период важат за негови најиновативни дела.

Берлинската авантура на Боуви не започна плодоносно

Дејвид Боуви беше во прилично незавидна здравствена состојба кога се пресели од Лос Анџелес во Берлин во 1976-та година. Неговиот рок енд рол животен стил го достигна зенитот. Тој земаше многу наркотични сретства и живееше токсичен живот каков што може да се замисли за една рок енд рол ѕвезда. „Тој отсекогаш сакаше да оди во Америка, и уживаше во тоа, се додека не сфати дека тоа воопшто не е добро за неговото здравје“, вели авторот на книгата за животот на Боуви во Берлин, Тобиас Ритер.

Sänger David Bowie 1976
Дејвид Боуви во 1976 годинаФотографија: picture allicane/Photoshot

Според него, љубовта на Боуви кон Америка била комбинирана со интересот за мрачната страна. Тој бил вљубен во надприродното. Но, како што вели Ритер, Боуви се разбудил во еден момент и од маглата на неговите халуцинации започнала да се надзира дестинацијата-местото каде што тој ќе се обиде да се спаси себеси. И тоа бил Берлин.

Боуви бил фасциниран од фашизмот

Но и престојот на Боуви во Берлин не бил ослободен од контроверзи. Тој бил нездраво фасциниран од фашизмот. Според Тобиас Ритер сето тоа било дел од халуцинациите на Боуви. Во тоа време тој дури изјавил дека „Хитлер направил вистинска држава“.

И во мегаломанијата поттикната од земањето дроги, Боуви кој себеси се гледал како рок енд рол месија, во Хитлер препознавал нешто како сопствен одраз во огледало. „Еднаш рекол ’Јас би бил проклето добар Хитлер’. Подоцна самиот тврдеше дека не бил целосно во контакт со сопствените чуства“, истакнува Ритер.

Берлин лек за рок енд рол ѕвездата

Берлин меѓутоа со текот на времето го излечил од оваа фасцинација. Германската метропола во тој период било местото каде што двете антагонизирани сили во Студената војна се судирале како никаде на друго место. Кога Дејвид Боуви дошол во 1976-та година, Берлинскиот ѕид бил стар само 15 години.

„Ситуацијата беше стабилна но градот се’уште беше местото каде двата система си ги судираа главите. Од друга страна, западен Берлин беше нешто како многу добро финансиран остров. Имаше нешто идилично во него. Современиците велат дека на пример во западен Берлин никогаш немало сообраќаен метеж, а од друга страна тој стоел на работ на можеби најопасната ситуација во светот по Втората светска војна. Токму оваа чудна, измешана ситуација го инспирирала Боуви толку многу“, вели Тобиас Ритер.

Боуви ги крши сите традиционални рок формати

David Bowie
Британскиот рокер БоувиФотографија: AP

Тоа се одразило и врз музичко творештво на Боуви. Додека бил во Америка, Боуви бил опседнат со црната музика, со фанкот и соулот.

Но со првиот албум снимен во Берлин, „Лоу“, тој ги прекршува сите традиционални рок формати. А на страната два, на која тој престанува да пее, тоа прекршување станува порешително. „Можете ли да замислите, Дејвид Боуви суперзвездата, изведувачот на песни едноставно запира да пее. Тоа е најрадикалниот чекор што можеше да се замисли во 70-тите. Ниту еден друг уметник од таков калибар не направил такво нешто“, смета Ритер.

Љубовта и Берлин

Најголем хит од периодот на Дејвид Боуви во Берлин е песната „Хироус“, мелодраматична химна, која не зборува за вонземјани и космонаути, како вообичаените неверојатно иронични песни на Боуви, туку за двајца вљубени кои се бакнуваат во близина на Берлинскиот ѕид.

David Bowie in concert 1987 - Zuschauer Reichstag Berlin
60 илјади посетители на концертот на Боуви во Берлин, 1987 годинаФотографија: AP

Кога веќе се зборува за љубовта, Дејвид Боуви го сакал Берлин и во него се чуствувал многу добро. Тој подоцна повеќепати изјавувал дека во Берлин се чуствувал послободно отколку кога било во неговиот живот.

Ритер објаснува дека Боуви дошол во германската метропола од Лос Анџелес, каде сите го знеле. Во Берлин пак тој бил оставен на мира.

Во Лос Анџелес тој рекол дека паранојата му стигнала до степен до кој повеќе не можел да чекори на улица без да мисли „Дејвид Боуви оди по улицата“, значи започнал да мисли за себе во трето лице. „Во Берлин пак, тој го нашол патот за враќање кон самиот себеси и започнал да ги прави нештата што го фацинирале од детството: цртањето, филмот, експресионизмот и Европа“, вели Ритер, авторот на најновата книга „Херои“, посветена на периодот од животот на Дејвид Боуви минат во Берлин.