1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kinderarbeit ILO

Zana Aceska12 јуни 2009

Според проценките, 8,4 милиони деца во светот, главно во земјите во развој, се жртви на екстремни форми на експлоатација, како ропство, трговија со луѓе, исплата на долгови со физичка работа, проституција.

https://p.dw.com/p/I8EK
Фотографија: AP

Пред десет години, на 17 јуни 1999, Меѓународната организација на трудот во Женева ја усвои Конвенцијата 182 за елиминирање на најтешките форми на работно ангажирање на деца. Според проценките, 8,4 милиони деца во светот, најголемиот дел во земјите во развој, се жртви на екстремни форми на експлоатација, како ропство, трговија со луѓе, исплата на долгови со физичка работа, проституција или на злоупотреба како деца-војници. „Декларацијата за правата на детето“, донесена од Генералното собрание на ОН пред 50 години, и натаму е игнорирана. Денес (12.06.2009) е Светски ден на борба против работно ангажирање на деца.

Модерни робови

Деца во Перу работат во каменоломи, во Филипини нуркаат за да вадат сунѓери, во Египет штават кожа, а во Пакистан ткаат теписи. Според експерти на Меѓународната организација на трудот, во светот - а пред се’ во земјите во развој - работно се ангажирани 317 милиони деца на возраст под 15 години. Тие се притоа изложени на високи ризици за здравјето. Но, детски труд има и во форма на питачење, проституција и улични кражби. И зад ова, како и кај секој друг вид на работа на деца, стојат возрасни, кои тоа го организираат и од тоа профитираат.

Работно ангажирање на деца е скандалозно, оти на најслабите членови на општеството не само што им е ускратена праведна парична награда, туку им е ускратено и нивното детство. Тие работат како возрасни, се експлоатирани и живеат во услови штетни за нивното здравје, за телесниот и душевен развој. Одвоени од родителите, деца живеат како робови на работните места. Тие немаат изгледи на подобра иднина; напротив, им се заканува предвремена смрт.

Kinderarbeit in Rumänien
Деца работат и во РоманијаФотографија: AP

Апели не помагаат

Со апели не може да се подобри состојбата. Мора да бидат осознаени и отстранети економските и општествени причини, оти работното ангажирање на деца е резултат на економската криза во земјите во развој и на конкурентскиот натпревар меѓу нив и индустриските земји. Експлоатацијата на децата е придружна појава на сиромаштијата. Таков вид работа е забранет во речиси сите земји, но илегалното вработување на деца е начин за намалување на трошоците на производството и, со тоа, за зголемување на конкурентноста. Нема готови рецепти за надминување на ваквиот вид на злоупотреба на децата, а декларации и резолуции има доволно.

Во „Декларацијата за правата на детето“, донесена од ОН, се вели дека не е дозволено вработување на деца под одредена возраст, ниту тие смеат да бидат принудени на работа која е штетна за нивното здравје, образование и натамошен развој. Меѓународната организација на трудот дозволува полесни работи за деца над 12 години. Нејзината конвенција ја ратификуваа 170 држави, но тоа не донесе никакви промени во скандалозните околности.

Welttag gegen Kinderarbeit - Kinderarbeit, Myanmar (Birma), Südostasien Flash-Galerie
Деца-работници во МјанмарФотографија: dpa/PA

Но, јасно е дека на вработувањето на деца не треба да се гледа исклучиво од агол на богатите индустриски држави, каде таа појава веќе со децении е искоренета. Оти, има земји во равој, во кои 16-годишниците ги сметаат за возрасни, тие се женат или и самите имаат деца.

Детскиот труд е резултат на сиромаштијата

Во многу земји на Третиот свет масовната невработеност е вообичаена појава. Во такви услови, за многу семејства работата на децата е важен извор на приходи, понекогаш дури и единствен. Вработувањето на деца, пак, ја зголемува невработеноста на возрасните. Детскиот труд е резултат на сиромаштијата и не мoже изолирано да биде отстранет, туку само широк стопански и социјален развој ќе го направи излишен. Сосем е неспорно дека инвестирањето во образование и остручување на среден и долг рок носи најголема добивка за општеството севкупно. Оттука, независно и од хуманитарниот аспект, на децата местото им е во училишните клупи, а не во работилниците.


Коментар: Карл Завацки

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска