1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деца без детство - децата од улица во Албанија

Елона Елези/ Александра Трајковска 5 ноември 2013

Децата сочинуваат повеќе од една третина од албанското население. Сиромаштијата и социјалната несигурност во една од најсиромашните земји во Европа тераат многу деца на улица - како продaвачи или питачи.

https://p.dw.com/p/1AAOk
Фотографија: Franc Zhurda

Иако е исцрпен, на десетгодишниот А.Ј. му светат очите. Во малите, но веќе рапави раце, носи картонска кутија полна со кутии цигари и гуми за џвакање. Горештината е неподнослива, но тој не се штеди и упорно им ја нуди својата стока на минувачите на една од најпрометните улици во срцето на Тирана. На почетокот се колеба, но потоа раскажува дека е најстарото дете од шестчлено семејство од градот Кукс на североистокот на Албанија. Тоа е еден од регионите со највисока стапка на невработеност во земјата. Затоа многумина доаѓаат во главниот град со надеж за подобар живот. Тој сон за семејството на А.Ј. се чини многу брзо се урна. Неговите родители се обидуваат со повремена работа да врзат крај со крај. Меѓутоа, најчесто си доаѓаат дома со празни раце, продолжува да раскажува А.Ј. Другите три деца по цел ден денгубат низ дома или бесцелно талкаат по улиците во предградието на Тирана, ниту едно не оди на училиште.

Темна бројка

Деца како А.Ј. не се реткост - ги има многу на улиците во големите албански градови. Тие се жртви на големата социјална несигурност во една од најсиромашните земји во Европа. Повеќе од една третина од албанското население се деца. Со распадот на комунистичкиот режим се распаднаа и многу традиционални семејни структури. Децата и младите од посиромашните семејства денес се соочени со запоставеност и со тоа придружното се‘општо пропаѓање. Тие исто така честопати се жртви на физичко и психичко насилство од страна на родителите, но и од непознати лица. Социјално запоставените деца, како децата-скитници имаат ограничени можности за образование или за здравствена заштита.

Straßenkinder in Albanien
Децата од улица во АлбанијаФотографија: Franc Zhurda

Многу деца живеат во т.н. „улична состојба“. Со тој поим УНИЦЕФ ги дефинира не само децата кои немаат дом, туку и децата кои работат на улица и ноќе си одат дома, појаснува Данјела Шкала. Таа е координатор на здружението „Заеднички за доброто на децата“ - сојуз од околу 30 албански невладини организации посветени на заштита на децата. „Факт е дека во Албанија има многу деца во ваква ситуација“, вели Шкала. Нивната бројка меѓутоа не е официјално утврдена.

Straßenkinder in Albanien
Данјела Шкала -координатор на здружението „Заеднички за доброто на децата“Фотографија: Franc Zhurda

Отсуството на систем за податоци, кој ќе ги опфати децата во „улична состојба“, е најголем проблем во Албанија, вели Зини Коре, раководител на „АРСИС“ - организација за помош на децата. Затоа „АРСИС“, со поддршка на УНИЦЕФ, сега изработува таков систем. Оти, кога е познат бројот на децата од улица, можат да бидат создадени соодветни механизми за нивна заштита.

Недостасува пробивност и стручна компетентност

Подобрување на општите услови за децата од улица е само еден дел од работата на „АРСИС“. Во дневните центри и на лице место организацијата се грижи како за децата, така и за нивните родители. „Згрижувањето опфаќа од хигиенски услуги и храна, сѐ до психолошко советување и мерки за воспитување“, вели Коре. Слични мерки за згрижување од 1999 година нуди и организацијата за помош „Спасете ги децата“ („Save the Children") во повеќе дневни центри во Албанија.

Во 2011 година „Спасете ги децата“ објави обемен извештај за законите и за положбата на јавните институции надлежни за уличните деца во Албанија. Хуманитарната организација забележува дека законите во оваа област, меѓу нив и законот за заштита на детските права, усвоен во 2010 година, кој стапи во сила една година подоцна, не се вистински спроведени. Се критикува и отежнатиот пристап до финансиска државна помош за оние, на кои им е неопходна. Освен тоа, законот не регулира јасно, кој е овластен да укаже на ситуацијата на едно дете и тоа да се тргне од улица. „Ние сѐ уште не знаеме, кој е одговорен да интервенира во овие случаи“, вели Нертила Топули, раководител на еден дневен центар на хуманитарната организација „Спасете ги децата“ во Тирана.

Straßenkinder in Albanien
Нертила Топули -раководител на еден дневен центар на хуманитарната организација „Спасете ги децата“ во Тирана.Фотографија: Franc Zhurda

Додека многу домашни и меѓународни хуманитарни организации со години се ангажираат за згрижување и за правата на децата во Албанија, државата дури пред две години востанови „Агенција за заштита на детските права“. Нејзина задача е надгледување на заштитата на децата на национално ниво и координација на соодветните мерки на централно и локално ниво. Со законот се предвидени 400 канцеларии за детска заштита на локално ниво, а досега се формирани само 152, вели Миранда Пашај, директорка на Агенцијата. Соработниците на канцелариите за заштита на децата, сметаа таа, преземаат важна координативна задача: „Овие луѓе неможат да направат чуда, но можат да ги поврзат сите актери кои се надлежни на лице место“.

Straßenkinder in Albanien
Миранда Пашај -директорка на „Агенција за заштита на детските права“Фотографија: Franc Zhurda

Бројноста и финансиските средства на овие канцеларии се недоволни, критикува извештајот на „Спасете ги децата“. Освен тоа, соработниците во државните канцеларии за заштита на децата често пати не ги поседуваат квалификациите пропишани со законот, вели Данјела Шкала од здружението „Заедно за доброто на децата“. „Познати ни се случаи, каде соработниците воопшто немаат високо образование, но се таму оти го познаваат градоначалникот или претседателот на општината и не мислат на тоа дека заштитата на децата е важен проблем“.

Перспективата е неизвесна

Во квартот на богатите во Тирана, се чини, никој од минувачите не сака да купи нешто од десетгодишниот А.Ј. Ако не продаде ништо, гладот го принудува детето да оди во некој од дневните центри за деца од улица. Но, тој нерадо оди таму. На прашањето, што би било подобро за него, А.Ј. одговара само со кревање на рамениците. Делува како возрасен, кога признава дека ако не работи како уличен продавач, семејството некои денови нема да може да купи ни леб. Тој не сака повеќе да зборува и си заминува. Со картонската кутија полна со цигари и гуми за џвакање, А.Ј. оди низ толпата луѓе, не откажувајќи се од надежта дека некој сепак ќе купи нешто.