1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата на доселениците во Германија - од специјални класови на универзитет

Ана Брокдорф / Елизабета М. Фиданоска20 ноември 2013

Поради кризата во Европа, се‘ повеќе семејства од јужна и југоисточна Европа доаѓаат во Германија. За децата да можат што побрзо да фатат чекор, училиштата имаат класови за интензивно изучување на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1ALHj
Фотографија: DW/A. Brockdorff

Единаесетгодишниот Габријел се исправа, ‘рже заканувачки, ги крева рацете во воздух и ги шири прстите така што дланката изгледа како шепа. „Аха“, се слуша од различни агли на училницата. Сега сите ученици сфатија што е мечка. „Има мечки во две боди, едната е поларната мечка“, извикува еден од учениците. „Точно“, потврдува климајќи со главата учителката Анке Штајнакер-Велбинг.

Во текстот натаму ги има и поимите „швајцарско сирење“, „абонос“, „лак“. Учениците и учителката ги опишуваат поимите со знаци, звуци и многу слики. Овде не може едноставно да се преведе од германски на мајчиниот јазик на учениците, зашто тие се од Романија, Бугарија, Полска, па дури и Панама.

Бројот на ученици од доселенички семејства се зголемува со години. Тоа особено е видливо по избивањето на еврокризата. Ако првите пет месеци од годинава се споредат со истиот период од 2012 година, се гледа дека доселувањето од европските држави во Германија пораснало за 9,2%. Најмногу доселеници има од Италија, Португалија и Шпанија - кај нив плусот во споредба со претходната година изнесува речиси 40%. Инаку, во апсолутни бројки, од членките на ЕУ, во Германија има најмногу доселеници од Бугарија, Полска и Романија. За децата да се вклучат што побрзо во редовна настава, училиштата имаат класови каде интензивно се изучува германскиот јазик, кои се нарекуваат интензивни, преодни или подготвителни класови.

Intensivklassen - Lehrerin Anke Steinacker-Wölbing zeigt, was Ebenholz ist
Анке Штајнакер-Велбинг со години предава во интензивен класФотографија: DW/A. Brockdorff

Многу интензивни класови се преполни

Во интензивните класови се‘ е поинаку. Тука се измешани ученици од различни возрасти и националности. Класот се менува постојано во текот на учебната година, поради тоа што некои си змаинуваат, а доаѓаат нови ученици. Најдоцна за една година учениците би морало да се најдат во редовните класови, зашто само така се отвора место за нови ученици во интензивните класови. Повеќе од 15 ученици ваков клас не би смеело да има, а тие често имаат над 20 деца. Сите се со различни познавања на германскиот и на својот мајчин јазик. Затоа еден шкаф во задниот дел на училницата е особено важен. „Таму имаме речници на 12 различни јазици“, вели учителката Штајнакер-Велбинг.

Intensivklassen - Der wichtigste Schrank: Wörterbücher in zwölf verschiedenen Sprachen gibt es an der Sophienschule
Во шкафот има речници на 12 јазициФотографија: DW/A. Brockdorff

Трауматизирани деца од кризни региони

На 12-годишниот Антони најмногу му се допаѓаат речниците со слики: „Книгите се толку добри. Имаш слика и знаеш што значи тоа на твојот јазик“, вели тој. Мајка му е од Панама. Пред осум месеци се доселиле кај татко му, Германец од Франкфурт. Панама е исклучок. Најголемиот дел од децата во интензивните класови е од кризни или воени региони. Многу од нив доживеале страшни работи и се трауматизирани.

„Особено беше екстремно за време на војната во Босна“, раскажува учителката Штајнакер-Велбинг. „Имав ученици кои се криеја под клупа штом ќе слушнеа звук на авион од страв да не бидат погодени.“ Имала и деца кои минале пеш низ половина Африка. Наскоро, претпоставува учителката, ќе учи и деца бегалци од Сирија.

Intensivklassen - In dem Wörterbuch gibt es Bilder und die jeweiligen Übersetzungen in verschiedenen Sprachen
Со речници со слики се учи брзо, вели АнтониФотографија: DW/A. Brockdorff

Постојано тешки судбини, деца со тажни приказни и искуства - тоа и за учителката не е лесно. Но атмосферата во класот и покрај тоа е пријателска, вели таа. Затоа и Габријел оди радо во интензивниот клас. „Сите се многу љубезни во класот, никој не ме нервира“, вели Габријел. Тој пред 5 месеци се отселил од Босна, заедно со мајка му, која во Германија се надева на подобро платена работа. На училиште тргнал пред еден месец. Причина - децата во Германија смеат да одат на настава дури откако ќе бидат систематски прегледани од страна на здравствените служби. Со оглед на тоа што краткорочно термин тешко се добива, децата често губат по неколку месеци пред да седнат во клупа.

Од интензивен клас на универзитет

Што по интензивниот клас? Одговорот зависи пред се‘ од самите ученици. Најголемиот број од интензивните класови се дел од таканареченото Хауптшуле (каде вообичаено учат децата кои покажале најслаб успех во основното училиште. н.з.). „Но вратата е отворена“, вели учителката Штајнакер-Велбинг. Некои од нејзините поранешни ученици сега студираат на универзитетите, раскажува таа со гордост.

Intensivklassen - Duden und Wörterbuch sind für Gabrijel aus Bosnien die wichtigsten Bücher
Габријел од Босна има големи плановиФотографија: DW/A. Brockdorff

И Антони и Габријел имаат големи планови. Тие сакаат да матурираат. Антони има идеја и што би студирал - физика или медицина. „Сакам да имам добра работа“, вели тој, додавајќи: „И сакам да имам добар живот.“