1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Децата добиваат право на жалба во ОН

4 март 2012

Децата во иднина до ОН ќе може да достават индивидуални поплаки за повреда на нивните права. 18 држави го потпишаа дополнителниот протокол кон Конвенцијата за детските права на ОН.

https://p.dw.com/p/14BoG
Фотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Германија е една од земјите потписнички на протоколот. „Ова е значаен ден за сите деца и млади ширум светот. Тие добија значаен инструмент за спроведување на нивните права“, изјави минисерката за семејство Кристина Шредер по потпишувањето на седницата на Советот за човекови права во Женева. Протоколот ќе стапи во сила кога ќе го ратификуваат најмалку десет држави.

Протоколот предвидува, групи на деца и поединечно момчиња и девојчиња да може да достават поплака до одборот на ОН за права на децата. Пред да поднесат жалба до ОН, подносителите на поплаката мора да ги исцрпат правните можности во сопствената земја. Дококу жалбата биде прифатена, одборот на ОН ќе и препорача на соодветната држава отстранување на повредите на правата. При особено тешки повреди, одборот може да поведе истражна постапка.

Генералното собрание на ОН во декември 2011 година го прифати дополнителниот протокол. Текстот го изработи Советот за човекови права на ОН. Протоколот ја дополнува спогодбата на ОН за правата на децата од 1989 година. Во 54 членови на Конвенцијата на детските права се формулирани десет основни права. Кон нив припаѓаат заштита од дискриминација, образование и ненасилно воспитување. Конвенцијата за детските права е најпризнаен документ во целиот свет. Спогодбата ја немаат ратификувано само САД и Сомалија.

Конвенцијата за детските права досега беше единствената меѓу деветте Конвенции за човекови права на ОН, која не дозволуваше поднесување индивидуални поплаки, нагласи германската министерка Шредер. „Германија ќе вложи напори, овој протокол наскоро да го ратификува“, вети министерката. Истовремено апелираше до сите држави, да се приклучат и со тоа да се погрижат за поголема заштита на децата во светот.

„National Coalition“, сојузот од повеќе од 100 организиции за детските права го поздрави потпишувањето на протоколот и побара негово брзо ратификување. Важно притоа е децата и младите да добијат доволно заштита, доколку поднесат индивидуална поплака.

Автор: АТ/ епд/ дпа/ кна/ дв

Редактор: Александар Методијев