1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Детроит прогласи банкрот

АТ/ макфакс/ дв19 јули 2013

Детроит, некогашната индустриска и културна метропола во САД пропаѓа со децении. Градот сега стигна до дното, без изгледи за спас.

https://p.dw.com/p/19Ack
Фотографија: Getty Images

Детроит, градот познат како центар на американската автомобилска индустрија се наоѓа во сериозни финансиски проблеми. Привремениот градоначалник Кевин Ор до надлежниот суд поднел барање за стечај.

Доколку судот го прифати барањето Детроит ќе стане најголемиот град во историјата на САД кој банкротирал. Стечајот би можел да значи и распродажба на градскиот имот за да можат да се подмират обврските кон вработените во градската управа, како и кон пензионерите кои некогаш биле вработени во општинските претпријатија и во градската администрација.

Во последниот период, имено, градот речиси и да не беше во состојба да ги покрие трошоците за градското осветлување. Ангажаманот на полицијата и на пожарникарните служби беше редуциран на најитните повици.

Инаку, како што пренесоа американските медиуми долговите на градот се проценуваат на 14 милијарди долари.

Многу фактори придонеле за банкротот на Детроит, но како главен се посочува изразената депопулација во последните десетина години, со што значително се намалил бројот на лицата кои плаќаат даноци.

Детроит, индустрискиот бисер на САД, во последните 60 години загубил половина од своите жители поради што големите компании целосно го напуштиле градот, што според медиумите бил тежок удар за градската каса. Автомобилската индустрија имено ги дислоцираше своите седишта, се затворија многу фабрики, а значително се зголемија невработеноста и криминалот во градот.

Verlassenes Haus Detroit USA
Кој може си заминува од градот - напуштена куќа во ДетроитФотографија: picture alliance/landov

Детроит во 1950 година имаше 1,8 милиони жители, додека денес градот има 685.000 жители. Податоците покажуваат дека во периодот од 2000 до 2010 година од градот се отселиле 250.000 луѓе.