Десетици загинати при уривање на зграда во Индија
5 април 2013Од 35-темина загинати 13 се деца. Има голем број повредени и непознат број луѓе кои се‘ уште се затрупани под урнатините. Тоа е досегашниот биланс на уривањето на зградата во близина на западноиндиската метропола Мумбај. Портпарол на полицијата изјави дека се повредени најмалку 59 луѓе. „Бројот на загинатите може да се зголемува, поради тоа што голем број луѓе имаат повреди опасни по живот.“ Зградата во местото Тане била се‘ уште во изградба. Од седумте веќе изградени катови, четири биле населени.
Телевизијата НДТВ јави дека голем дел од жртвите се работници кои дошле во Мумбај од другите делови на земјата за да бараат работа. Околу 100 спасувачи во текот на ноќта барале преживеани под урнатините. „Зградата беше готова за месец и половина“, изјави министерот за труд на сојузната индиска држава Махараштра, Ганеш Наик. Затоа, тој смета оти „објектот бил изграден со грешки“. Нема дозвола за градба, а портпарол на полицијата соопшти дека сопственикот на фирмата која се води како надлежна за изградба на објектот е во бегство. По него е распишана потерница. Телевизијата Си-Ен-Ен-Ај-Би-Ен јави дека во Тане има околу 250 слични илегални објекти, а локалните власти немаат преземено ништо против изведувачите на градежните објекти.