Десетици загинати во нападот на курдски бунтовници
3 септември 2012Десет војници загинаа во судирот меѓу турската армија и курдските бунтовници во југоисточната турска провинција Шарнак. Во судирот загинаа и 20 припадници на Курдската работника партија (ПКК). Инцидентот се случи откако припадници на ПКК синоќа нападнаа полициска станица и касарна во градот Бејтјушебап. Најмалку седум турски војници се повредени.
Околу сто членови на ПКК во истовреме отвориле оган врз четири објекти. Тие пукале врз зградата на администрацијата, полициската станица, командата на дивизијата и објектот каде се сместени војници. За време на престрелката било прекинато снабдувањето со електричната енергија во Бејтјушебап. Војската возвратила на огнот.
Безбедносните сили презедоа акција за апсење на терористите кои успеале да побегнат.
Судирите меѓу армијата и ПКК се интензивираа изминативе месеци. Турција ги обвини Сирија и Иран дека ги поддржуваат курдските сепаратисти.
Бунтовниците почнаа и да киднапираат турски официјални лица. Припадници на ПКК денеска киднапираа шеф на централата на владејачката Партија на правдата и развојот во округот Хакјари.
Според Меѓународната кризна група од јуни 2011. година досега во судирите загинале околу 800 луѓе, од кои 500 бунтовници, над 200 припадници на безбедносните сили и 85 цивили.
За 28 години, колку што ПКК се бори за формирање на самостојна држава, загинале повеќе од 40.000 лица. За Турција, САД и Европската унија ПКК е терористичка организација.
Судирите воглавно се водат во планинските реони на границата со Ирак и со Иран. ПКК често врши напади и во градовите.