Десетици загинати во експлозии во Багдад
27 октомври 2013Десет автомобили бомби експлодираа денеска во ирачката престолнина Багдад и го однесоа животот на најмалку 39 лица, како што се дознава од извори на безбедносните сили и медицински лица.
Девет од експлозиите се случија во квартови населени главно со шиити. Најкрвави беа нападите во квартовите Нахраван, во јужниот дел на престолнината, и Шааб, во северниот дел на престолнината, каде се активираа по две возила и во кои животот го загубија најмалку седум, односно шест лица.
Едно возило експлодира во јужниот кварт Абу Дсир и во него загинаа најмалку шест лица. По еден автомобил бомба бил активиран во квартовите Маштал, Аладија и Ур во источниот дел на Багдад и во северните квартови Хуријат и Саб ал Бор. Десетици лица се ранети во нападите.
Автомобилите биле паркирани, пред да дојде до експлозиите. Тие биле во близина на трговски зони и на паркинзи. Експлозиите се случиле во интервал од половина час.
Засега никој не ја презел одговорноста за нападите, но во минатото за ваквите напади одговорноста ја преземаше ирачката ќелија на Ал Каеда.
Насилството во Ирак беснее веќе неколку месеци и од почетокот на октомври во земјата загинаа над 600 лица, а од почетокот на годината вкупно 5.000 лица.