1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дербито без победник - Шалке се вмеша во борбата за титулата

Jordanovski, Zoran11 февруари 2008

Коло на гостите во Бундеслигата - постигнаа 2 победи, 5 пати играа нерешено, а домашните славеа само две победи. Германски спортски херој е Андреа Хенкел, двојна шампионка од тековното светско првенство во биатлон.

https://p.dw.com/p/D5iE
Од средбата Египет-Камерун, финале на Африканското првенствоФотографија: AP
Големото дерби на 19-тото коло на Бундеслигата, средбата на двете првопласирани екипи Баерн и Вердер, не донесе победник. Во Минхен жалат по испуштената победа: „Не, тоа не е праведно реми. Вердер мора да запали неколку свеќи што овде се извлече со нерешен резултат“ - рече менаџерот на Баерн Ули Хенес. Домашниот тим навистина беше малку подобар, но не успеа да создаде вистински поволни шанси за гол, а Лука Тони не реализира пенал.

Гостите од Бремен, кои поведоа уште во 6-тата минута, разбирливо, беа задоволни со нерешениот исход. „Мислам дека денеска многу добро се продадовме. Повторно моравме многу да импровизираме. Ова треба да не охрабри за наредните недели“ - оцени спортскиот директор на Вердер Клаус Алофс.

Ист резултат донесе и средбата на трето и четвртопласираните тимови: во Леверкузен Баер и Хамбургер прикажаа добра игра, но на крајот никој не беше среќен со резултатот 1 спрема 1. „Беше првокласно, брзо, на високо техничко ниво, со силно темпо, имаше прекрасни гол-шанси. Ние бевме за малку поблиску до победата, но можевме и да загубиме. Денешниот натпревар, значи, навистина донесе се’“, зборуваше по средбата тренерот на Баер Михаел Скибе.

За Хамбургер тоа беше петта последовна првенствена средба без победа. „Незадоволен сум, оти мислам дека нерешено во Леверкузен е премалку за нас. Мислам дека од резултатот не е задоволен ни тренерот на Баер, како што не сум ни јас“ - беа зборовите на гостинскиот тренер Хуб Стевенс.

Вистински задоволни се во Гелзенкирхен. Шалке повторно е во игра за титулата, го доби регионалното дерби со Борусија во Дортмунд со 3 спрема 2 и се проби на трето место. Тренерот Мирко Сломка беше горд на својот тим и особено задоволен поради развојот на настаните на другите важни средби: „Колото беше како нарачано за нас. Сакавме безусловно да ја искористиме поволната ситуација и мислам дека таа волја и ја покажавме на теренот“ - рече тој. Шалке ги расипа плановите на Борусија, вели тренерот на тимот од Дортмунд Томас Дол: „Поради тоа сум незадоволен. За нас беше важно денеска да победиме, но не успеавме во тоа“.

На чело на табелата и натаму е Баерн со 40 бодови, три повеќе од Вердер. Шалке на третото место има 2 бода помалку од Вердер, пет од лидерот. Само бод зад Шалке, пак, се Баер Леверкузен и Хамбургер.


Нов пораз на бранителот на титулата


Новиот прволигаш Карлсруе и натаму може да се надева на учество во купот на УЕФА. На гостувањето кај Хановер одигра нерешено 2 спрема 2 и ја задржа шестата позиција со 32 бода. Ајнтрахт уште во петокот вечерта ја совлада Арминија Билефелд со 2 спрема 1 и со таа трета последвона победа направи скок на 7-то место на табелата со 29 бодови, колку што има и Хановер зад него.

Штутгарт доживеа нов неуспех, и тоа дома. „Мене ми беше јасно дека ова ќе биде тешка сезона, но не и дека ќе биде олку тешка. Но, веќе имавме кризи во првенството, ова е наредната - и неа ќе ја пребродиме“ - не губи надеж Армин Фе, тренер на официјалниот првак кој одамна веќе се прости од титулата, а сега и од изгледите за пласман во горниот дел на табелата. Херта, пак, со победата од 3 спрема 1 во Штутгарт се рехабилитира за поразот на претходниот викенд дома од Ајнтрахт. „Денеска на теренот бевме екипа, целост - тоа беше важно за мене. Играчите покажаа дека умеат да играат фудбал“ - оцени Лисиен Фавр, тренер на екипата од Берлин.

Поразот го симна првакот Штутгарт за уште едно место подолу на табелата, оти го премина Волфсбург по победата над Дуизбург со 2 спрема 1. Волфсбург е деветти со 26 бодови, Штутгарт има 25.


Нерешен исход и во средбите на загрозените


Бохум дома во драматичен натпревар освои само бод против Енерги од Котбус, кој жилаво се бори за опстанок во лигата. Сега со 23 бодови Бохум е на 11-тото место, исто толку има и Херта на 12-тото. Со еден бод помалку Борусија Дортмунд моментно е на 13-тата позиција на табелата.

Ова коло донесе уште еден директен дуел на загрозените во лигата: во Нирнберг Ханза од Росток успеа да остане непоразена. Домашниот тренер Ханс Маер е незадоволен со нерешениот резултат 1 спрема 1, но не и со залагањето на неговиот тим: „Волја имаше, но на многу позиции ни недостига опуштеност, леснотија во играта. По овие испуштени бодови нашата ситуација драматично се влоши. Се’ уште не испаднавме, но стана подраматично“.

Ханза на 14-тото и Арминија на 15-тото место имаат по 18 бодови, Нирнберг на 16-тото има 16, исто колку и Енерги на претпоследното место, Дуизбург е последен со само 14 бодови.


Светското првенство во биатлон под знакот на Хенкел


Во средиштето на вниманието на германската спортска јавност на викендот се најде Андреа Хенкел. Таа веќе освои два златни медала на светското првенство во биатлон, што започна во саботата во Остерсунд во Шведска. Прво победи во спринтот на седум ипол километри, оставајќи ги зад себе Русинката Ахатова и Украинката Хвостенко. Потоа, вчера, таа беше најдобра и на патеката од 10 километри. Во обете трки Хенкел беше извонредна во стрелањето и не промаши ниту еден од 30-те истрели.

„Во принцип е се’ едно во која дисциплина освојуваш титула светски првак, но се разбира дека е убаво ако имаш таква збирка. Ми недостасува уште тилтулата во микс“ - вели 30-годишната Хенкел, за која ова е веќе 10-то светско првенство. Со пет светски титули, две олимписки злата и едно сребро, како и со уште 4 светски титули своевремено во јуниорска категорија, таа е една од најуспешните германски претставнички во биатлон.

Во машка конкуренција спринтот го освои Русинот Максим Чудов, а во трката на хронометар победи Норвежанецот Оле-Ајнар Бјерндален, Чудов беше втор, додека Германецот Александер Волф како трет мина низ целта. „Сакав да се вратам дома со медал одовде, сега дури испадна медал во поединечна конкуренција. Можеби ќе дојде и некој медал од штафетните трки. Досега не сум имал олку убаво светско првенство“, рече Волф.


Египет првак на Африка во фудбал


Шесткратниот шампион и победник од последното првенство на Африка ја одбрани титулата. Во финалето на првенството, што се одржа во Гана, Египет го победи Камерун со 1 спрема 0.