1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депресијата во Македонија ќе се лекува и преку интернет

Сузана Тодоровска-Павлоска11 ноември 2012

Се подготвува Национална стратегија за ментално здравје во РМ за 2013-2016 година, а еден од приоритетите ќе биде едукацијата на лекарите од примарната здравствена заштита за препознавање и лекување на депресијата.

https://p.dw.com/p/16gme
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Само 25 проценти од депресивните пациенти во целиот свет добиваат третман, а тоа е загрижувачка бројка. Во Македонија нема статистички податоци, но од искуствата кај нас знам дека луѓето кои страдаат - не бараат помош“, вели за ДВ д-р Антони Новотни, национален координатор за ментално здравје во РМ.

Депресијата - болест број 1 во светот за 20 години

Според Светската здравствена организација (СЗО), многу луѓе страдаат од депресија, но во голем број случаи не сакаат тоа да го признаат. Со депресијата оди и срамот, односно чувството на личен неуспех. Во европски рамки 21 процент од населението годишно страда од депресија или анксиозност. И во Македонија се бележи тренд на пораст на менталните заболувања, па и на депресијата.

 „Според некоја статистика, во Македонија има околу 80 илјади лица кои страдаат од депресија. Јас не знам за ниедна друга болест од која боледуваат толку многу луѓе во земјава“, вели д-р Новотни и објаснува: „Депресијата се релативизира во семејството, во општеството и се вели ’па, сите сме депресивни’ и не се бара помош, а дел од тие пациенти за жал можат да завршат и трагично - со самоубиство. Загрижува податокот дека само 10 проценти од оние кои ќе се јават за помош се адекватно третирани. Тие воопшто не стигнуваат до нашите психијатриски и психолошки служби за да им се препише антидепресив, а тоа е поради мислењето дека антидепресивите се опасни, што е неточно. Антидепресивите се помало зло од седативите и анксиолитиците, кои се во широка употреба не само во Македонија“.

Symbolbild Burnout
Луѓето не сакаат да зборуваат за проблемите со пријателите или, пак, роднинитеФотографија: Fotolia/lichtmeister

Македонците се издржливи, но и особено емотивни

Постојат повеќе ризик-фактори за манифестирање на депресивното нарушување. „Денес секој од нас трча по својата егзистенција, а тоа придонесува да бидеме поранливи за различни психијатриски нарушувања, особено за депресијата“, вели д-р Новотни.

„Се соочуваме со невработеност, економски проблеми, а се промени и системот на клетката на општеството - семејството. Отуѓеност, нема комуникација меѓу членовите, а и пријателите не сакаат повеќе да разговараат меѓу себе за 'мачни' работи. Можеби во скандинавските земји има висок степен на суицид, но тие не се занимаваат со овие психо-социјални фактори и не се депресивни поради невработеност или сиромаштија, туку имаат други проблеми, на пример со сончевите денови и светлината. Ние тука сме благословени со толку сонце и светлина кои многу помагаат да не бидеме депресивни, па затоа сме попозитивен народ и можеме многу да издржиме. Резилиентноста на Македонците и луѓето од Балканот е многу повисока  кон овие социјални состојби, но затоа пак од друга страна особено сме емотивни па знаеме да изреагираме на тие надворешни фактори“.

Депресијата ќе ја лекуваат семејните лекари, но можно е и преку интернет

Националната стратегија за ментално здравје во РМ за периодот 2013-2016 година, како и акциониот план ги подготвуваат Министерството за здравство и професионалните лица. Едукацијата на семејните лекари за препознавање и третман на депресијата ќе биде еден од приоритетите.

„Матичните лекари со помалку стигма  можат да бидат отворени за пациентите со депресивни потешкотии, па акцентот би бил ставен на едукацијата за да ја препознаваат депресијата, да им дадат поддршка на пациентите, да припишат антидепресиви и да понудат психолошко советување. Според светските статистики секој втор пациент во службите на примарната здравствена заштита  има анксиозни или депресивни растројства. Тоа станува сериозен јавно-здравствен проблем и кај нас“, објаснува д-р Новотни во разговорот за ДВ.

Според Европскиот акционен план за ментално здравје на Светската здравствена организација, кој е во подготовка и ќе им биде достапен на државите во септември 2013 година, акцентот ќе биде ставен на „лесно пристапни служби кои на лицата со ментална болест ќе им овозможат без никаков срам да побараат помош, наместо истата да ја бараат во големите психијатриски болници“, вели Димитринка Јорданова- Пешевска, од Светската здравствена организација- Канцеларија Скопје.

Symbolbild Außenseiter Einsamkeit
80.000 лица во Македонија страдаат од депресијаФотографија: Fotolia/ lassedesignen

„Акцентот ќе биде ставен и на промоцијата на менталното здравје, ослободувањето од притисокот на срамот поради болеста, повлеченоста од средината, деинституционализацијата и развивање на служби за ментално здравје во заедницата како ефикасен начин на третман на лицата со ментални нарушувања. Препознавањето на депресијата во првите фази е многу важно, а нетретираната депресија може повторно да се врати во некоја посериозна форма“, вели Димитринка Јорданова- Пешевска.

Светската здравствена организација ќе работи и на развојот на интернет-интервенциите на депресијата. Тоа е психотерапија преку интернет, којашто во некои земји се покажала како ефикасна и за која велат дека не е невозможно да се воспостави и кај нас.

Не е срамно да се побара помош за психолошки проблеми

На глобално ниво 350 милиони луѓе страдаат од депресија. Еден милион луѓе годишно извршуваат самоубиства кои се резултат на нетретирана депресија.

„Депресијата не е прашање само за здравствените експерти. Сите можеме да дејствуваме во насока на елиминирање на стигмата што ги следи менталните нарушувања“, објаснува Димитринка Јорданова-Пешевска, додека д-р Антони Новотни порачува: „Раното препознавање на психолошкиот проблем е клучот на лекувањето. Нема човек кој не доживеал или нема да доживее некаква депресивна состојба. А, понекогаш потребна ни е помош. Сами не можеме“.