1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депонии по европски терк

21 октомври 2010

Македонија е првата земја од поширокиот регион која преку постапка на конкурентен дијалог бара странски партнер кој ќе изгради и ќе оперира со регионална депонија за комунален и цврст отпад.

https://p.dw.com/p/Pjk7
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Станува збор за концесија за финансирање, проектирање и изградба на две депонии по европски терк во југоисточна Македонија и полошкиот крај. Идејата е странски концесионер преку модел на јавно приватно партнерство да изгради регионална депонија за собирање и третман на комуналниот отпад. Во финалната фаза на тендерот се влезени три австриски, една германска и една фирма од Италија.

Со оглед дека 99% од 73-те комунални претпријатија се во многу тешка економска состојба и не можат да обезбедат ефикасна наплата на комуналните услуги, идејата е преку вклучување на странски концесионер со искуство во овој бизнис овој процес да се направи ефикасен, вели за Дојче веле министерот за животна средина Неџат Јакупи:

„ Во постапката се вклучени сите општини. Ќе обезбедиме најдобра цена на услугите за граѓаните. Нивото на наплата е незадоволително и токму тоа е една од причините заради која имаме руиниран систем на третман на комуналниот отпад. Мислам дека овој пат кој го избравме со вклучување на општините и комуналните претпријатија ќе ги поттикне приватните оператори да ја понудат најдобрата понуда и за инвестициите и за цената на услугите“.

Müll auf Straßen in Puneh, Indien
Фотографија: Mohsen Namakian

Поттик за нови вработувања

Според Јакупи, комуналните претпријатија не само што нема да треба да отпуштаат, туку во блиска иднина ќе треба да вработуваат и допонителен кадар. Инаку времетраењето на концесијата за управување со депониите ќе изнесува 20 години, а за собирањето и транспортот има повеќе можности, од 5, 7 па и повеќе години. За изградбата на двете депонии ќе треба да се инвестираат околу 40 милиони евра:

„ За нас е најважно инвестициите во комуналните претпријатија да се направат уште во првите месеци, бидејќи постојната инфраструктура во возила и контејнери за собирање е на незадоволително ниво. Очекуваме депонијата да биде изградена во првите две години, во согласност со европските директиви“, вели Јакупи.

Освен овие две депонии, започната е постапка за проектирање и изградба на уште две во источниот и североисточниот дел на Македонија. Идејата е овој проект да се реализира преку ИПА фондовите на Европската комисија. Дополнително се планира во постапката да се вклучи и Скопје. за што интензивно се преговара со градските и општинските власти.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска