1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на одлука: Обама или Ромни?

ЖА/дв/дпа/ртре/афп6 ноември 2012

Денеска (06.11) граѓаните на САД треба да го изберат својот претседател. Според последните анкети, Барак Обама и Мит Ромни се со речиси изедначени позиции, а тоа го потврдуваат и првите изборни резултати.

https://p.dw.com/p/16dNR
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дали актуелниот шеф на државата Барак Обама од Демократската партија, прв афроамерикански претседател во историјата на САД, ќе владее и следните четири години или во Белата куќа ќе го замени кандидатот на републиканците, Мит Ромни? Одлуката ќе ја донесат американските граѓани, а цел свет е во исчекување.

Обама уште еднаш ги потсети гласачите:

„Ова не е само избор меѓу двајца кандидати, ова е избор меѓу две различни визии на САД. Вие избирате меѓу враќање кон политиката на богатите која ја уништи нашата економија и политиката која се залага за силна средна класа која не‘ води надвор од кризата“.

Ромни пак, се обиде да ги девалвира успесите на Обама:

„Промените не може да бидат мерени според говорите, туку според делата. По четири години, од големите ветувања на Обама остана многу малку“.

Првите изборни резултати се очекуваат во ноќните часови кон среда по европско време. Аналитичарите проценуваат дека ова ќе биде еден од највозбудливите избори во историјата на САД.

Според анкетите, Обама е во блага предност

Во анкетата на јавното мислење спроведена од Ројтерс/Ипсос, а објавена вчера, Обама е во благо водство со 48 спрема 46 проценти, разлика што е во рамките на т.н. дијапазон на неточност на анкетите. Се проценува дека изборот ќе го решат сојузните американски држави во кои граѓаните не се строго определени за одредена партија. Во нив спаѓаат Охајо, Флорида, Вирџинија, Ајова, Њу Хемпшир, Висконсин, Невада и Колорадо. Според експертите, во блага предност таму е Обама.

За 51-годишниот демократ од помош може да биде и посебниот изборен систем на САД. Имено, граѓаните претседателот не го избираат директно.

USA Wahl Wähler Präsidentschaftswahl Urne Wahlkabine
Десетте избирачи во Диксвил гласаа првиФотографија: Reuters

Денеска се одредуваат делегатите за изборното тело, т.н. Електорал Колеџ, кој во декември формално го избира претседателот. Секоја сојузна држава според бројот на жителите испраќа одреден број електори во изборното тело. Така, Калифорнија како најбројна по население држава, испраќа 55 електори, а на пример Аљаска само двајца. Електорал колеџот го сочинуваат 538 членови. Апсолутното мнозинство за избор на претседател изнесува 270 електори. Секоја држава е една изборна единица, па така оној кандидат кој добил мнозинство гласови во таа држава, ги добива гласовите на сите нејзини електори. Изборниот систем овозможува дури еден кандидат со вкупно помалку гласови на избирачите од сите сојузни држави од својот конкурент, сепак да добие мнозинство во изборното тело.

Изборниот ден започна

Првото гласачко место беше отворено во Њу Хемпшир - традиционално тоа е малото село Диксвил, каде гласањето почна ноќеска. Познат е веќе и резултатот - пет гласа за Обама и пет за Ромни. Грижи и натаму предизвикуваат последиците од ураганот „Сенди“. Во некои гласачки места во тешко погодениот Њујорк можеби и денеска нема да има струја. Во таков случај ќе се гласа во шатори или армиски контејнери. Во Њу Џерси граѓаните ќе можат да гласаат преку имејл, можност која ја користат и членовите на американските воени единици во странство.